Најчести прашања и одговори од месец јуни, 2023

0
330

Во оваа нова рубрика на нашата Веб страница ќе се обидеме да дадеме одговори на најчесто поставуваните прашања кои сме ги добиле во текот на изминатиот месец.

Дали за опремата набавена со финансиска поддршка заради подобрување на конкурентноста и опремата која е набавена со други вид на државна финансиска поддршка, може да се користи право за намалување на даночната основа по основ на реинвестирана добивка согласно одредбите од Законот за данокот на добивка?

Дали реинвестираната добивка треба да се намали за износот на финансиската поддршка добиена по основ на подобрување на конкурентноста на пазарот?

Согласно член 28 од ЗДД, даночната основа се намалува за износот на извршените вложувања од добивката од претходната година (реинвестирана добивка).

Под реинвестирана добивка од ставот (1) на овој член се подразбираат извршените инвестициски вложувања од добивката за развојни цели, односно вложувањата во материјални средства (недвижности, постројки и опрема), вклучително и вложувањата во материјални средства набавени преку финансиски лизинг, како и во нематеријални средства (компјутерски софтвер и патенти) за проширување на дејноста на даночниот обврзник, освен вложувања во патнички автомобили, мебел, теписи, аудио визуелни средства, бела техника, уметнички дела од ликовната и применетата уметност и други вложувања кои служат за административни цели.

Доколку даночниот обврзник ги оттуѓи средствата со кои се стекнал преку реинвестирање на добивката во рок од пет години од денот во кој е извршено инвестициското вложување, го должи данокот кој би го платил кога не би го користел ослободувањето од ставот (1) на овој член.

Во случај на раскинување на договорот за финансиски лизинг, даночниот обврзник го должи данокот кој би го платил кога не би го користел ослободувањето од ставот (1) на овој член.

Доколку даночниот обврзник документирано не докаже дека даночното ослободување го искористил за вложувања во материјални средства (недвижности, постројки и опрема) и во нематеријални средства (компјутерски софтвер и патенти) за проширување на дејноста го должи данокот кој би го платил кога не би го користел ослободувањето од ставот (1) на овој член.

Согласно член 7 став 1 од Правилникот за данокот на добивка, даночната основа се намалува за износот на извршените вложувања од добивката (реинвестирана добивка) за развојни цели, односно вложувања во материјални средства (недвижности, постројки и опрема) и во нематеријални средства (компјутерски софтвер и патенти) наменети за проширување на дејноста на даночниот обврзник, освен вложувања во патнички автомобили, мебел, теписи, аудиовизуелни средства, бела техника, уметнички дела од ликовната и применетата уметност и други вложувања коишто служат за административни цели.

Под реинвестирана добивка од став 1 на овој член се подразбира добивката остварена со годишната сметка од претходната година, која по пат на распределба е издвоена за инвестиции и која во наредната година е вложена за намените од став 1 на овој член.

Согласно член 483 од Законот за трговски друштва, собирот на содружниците, односно собранието одлучуваат за распоредување на добивката.

Во одлуката за распоредување на добивката се прикажува секоја поединечна намена на добивката, а особено се наведуваат:

  • износот од добивката за покривање на загубата од минати години (доколку таква има);
  • износите коишто се внесуваат во законските и во статутарните резерви на друштвото;
  • износот којшто се исплатува во вид на дивиденда;
  • дополнителните издатоци врз основа на одлуката;
  • евентуалниот пренос на добивката во наредната година (акумулираната добивка); и
  • износот на добивката со којшто ќе се изврши зголемување на основната главнина на друштвото и износот од добивката за инвестиции.

Со одлуката не може да се вршат измени во остварената добивка на друштвото.

Начинот на сметководственото искажување на приходите остварени како државна подршка е дефиниран во Оддел 24 – Државни поддршки од Меѓународниот стандард за финансиско известување за мали и средни субјекти од Правилник за водење сметководство („Службен весник на Република Македонија” број 159/09 и 107/11).

Овој оддел го утврдува сметководствениот третман на сите видови државни поддршки.

Државна поддршка е помош од страна на државата во форма на пренос на ресурси до еден ентитет за возврат на минато или идно исполнување на одредени услови кои се однесуваат на оперативните активности на ентитетот.

Овој оддел не ја опфаќа владината помош обезбедена за ентитетот во форма на користи коишто се достапни во одредување на оданочива добивка или даночна загуба или се одредени или ограничени врз основа на обврска за данок на добивка. Примери на такви користи сеослободувања од данок на добивка, даночен кредити по основ на вложувања, дозволена забрзана амортизација и намалени стапки на данок на добивка. Одделот 29 Данок на добивка го опфаќа евидентирањето на даноци базирани на добивка.

Понатаму согласно точката 24.4 од Оддел 24, Ентитетот ги признава државните поддршки како што следува:

  • поддршка што не наметнува конкретни идни услови за резултати за примачот се признава како приход кога приливите од поддршката може да се примат,
  • поддршка што наметнува конкретни идни услови за резултати за примачот се признава како приход само кога се исполнети условите за резултати,
  • поддршки примени пред да се исполнат критериумите за признавање на приходот се признаваат како обврска.

Ентитетот ја мери поддршката според објективната вредност на средството што го примил или го побарува.

Доколку се работи за опрема набавена со финансиска поддршка заради подобрување на конкурентноста или друга државна поддршка не може да се користи намалување на даночната основа по основ на реинвестирана добивка во Даночниот биланс за оданочување на добивка образец “ДБ “ од причина што истите се платени од средства добиени од Владата на Македонија, а не од сопствени средства на компанијата.

Дали правно лице треба да пресмета и плати данок на физичко лице од кое купило патничко моторно возило од 2004 година кое е вон употерба (хаварисано) и кое се продава од физичко лице. Физичкото лице нема никаква поврзаност со правното лице.

Возилото од страна на правното лице ќе се искористи за продажба на старите делови. Цената на возилото изнесува 500 евра од причина што е вон употреба .

Под личен доход се подразбираат следните видови доход остварени во земјата и во странство: 1) доход од работа; 2) доход од самостојна дејност; 3) доход од авторски и сродни права; 4) доход од продажба на сопствени земјоделски производи; 5) доход од права од индустриска сопственост; 6) доход од закуп и подзакуп; 7) доход од капитал; 8) капитални добивки; 9) добивки од игри на среќа; 10) доход од осигурување и 11) друг доход.

На ода­но­чу­ва­ње под­ле­жат си­те при­хо­ди што се ос­тва­ре­ни во па­ри, хар­тии од вред­ност, во на­ту­ра, или во не­кој друг вид.

За купеното возило под посочените услови наведени за неговата намена, правното лице нема обврска да пресмета и плати данок на личен доход.

Правен субјект води судски спор пред Основен граѓански суд Скопје со свој работник во кој работникот бара поништување на решението за престанок на работниот однос. Во текот на судскиот спор странките склучуваат вонсудска спогодба со која на работникот му се исплака надомест на штета за престанок на работниот однос во износ од 200.000 денари. По склучувањето на спогодбата работникот не се се враќа на работа кај правниот субјект.

Прашањето е дали за паричниот надомест по основ на вонсудска спогодба треба да се плати данок на личен доход или пак е ослободен согласно член 12 став 21 од ЗДЛД?

Под личен доход, како што веќе наведовме, се подразбираат следните видови доход остварени во земјата и во странство: 1) доход од работа; 2) доход од самостојна дејност; 3) доход од авторски и сродни права; 4) доход од продажба на сопствени земјоделски производи; 5) доход од права од индустриска сопственост; 6) доход од закуп и подзакуп; 7) доход од капитал; 8) капитални добивки; 9) добивки од игри на среќа; 10) доход од осигурување и 11) друг доход.

На оданочување подлежи доходот од ставот 1 на овој член што е остварен во пари, во хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид.Во член 12 став 1 точка 21) од ЗДЛД, данок на доход не се плаќа по основ на алиментации и надоместок на штета по судска одлука и надоместок на штета како последица на несреќа при работа.

Паричниот надомест по основ на вонсудска спогодба е предмет на оданочување согласно член 71 од ЗДЛД на која се пресметува данок на личен доход додека пак што се однесува за плаќање на придонесите сметаме дека не се плаќаат од причина што работниот однос по склучувањето на спогодбата повеќе е прекинат.

Согласно член 71 став 1 од ЗДЛД, друг доход во смисла на овој закон е секој доход кој не се смета за доход на физичките лица од членот 3 став (1) точки 1), 2), 3), 4), 5), 6), 7), 8), 9) и 10) од овој закон и не е изземен од оданочување со одредбите од членот 12 од овој закон

Аконтација на данокот за друг доход пресметува исплатувачот за секој обврзник и за секој поединечно исплатен доход.

Според член 85 од ЗДЛД, исплатувачот, пред секоја исплата на доходот на кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка, е должен до органот за јавни приходи да достави пресметка за бруто-доходот, одбитоците, пресметаниот данок по одбивка и нето-доход за исплата, за секој обврзник поединечно.

Во случаите кога вработен плаќа трошок на фирмата во кое е и вработен со свои пари, дали има друг начин за да му се рефундираат овие средства освен преку благајна во готово?

Поконкретно, дали смеат да му се префрлат средства безготовински, со налог ПП-30?

Согласно член 183 од Законот за платежни услуги и платни системи (Службен весник на бр. 90/22, во понатамошниот текст ЗПУПС), за плаќања со готовина, правно лице може да чува во својата благајна готовина до висината на благајничкиот максимум.

Благајничкиот максимум го утврдува правното лице со посебен акт.

Правното лице е должно сите парични средства од дневниот пазар над утврдениот благајнички максимум примени во готовина по било која основа да ги уплати најдоцна до следниот работен ден на својата платежна сметка.

Правното лице е должно да ја осигура готовината која ја чува во својата благајна, најмалку до висината на благајничкиот максимум, при што договорот за осигурување задолжително ќе ги покрива штетите во случај на пожар, поплава и кражба.

Обврската од ставот (4) на овој член не се однесува на правните лица чиј благајнички максимум е до 20.000 денари. Плаќањето на производи и услуги во готово од страна на правни лица не може поединечно да биде повеќе од 6.000 денари и не може да надмине вкупен износ од 60.000 денари во текот на календарскиот месец.

Во случаите кога вработениот платил трошок поврзан со активноститите на правното лице од свои средства и уредно доставил валидна документација (фискална сметка), за така платениот трошок правното лице има можност да изврши поврат на паричните средства на вработениот во истиот износ преку каса исплати или со безготовински пренос, со налог ПП 30, под услови направениот трошок да не е во износ поголем од утврдениот во член 183 од ЗПУПС.

Доколку пак станува збор за плаќање на трошок кој не е поврзан и не е во функција на правното лице, согласно член 80, 84, 85 и 92 од ЗДЛД а во врска со видот на доходот предвиден во член 3 од ЗДЛД, правното лице има обврска при исплатата на посочениот надометок преку поднесување на електронска пресметка до органот за јавни приходи да пресмета и плати данок на доход.