Најчести прашања и одговори од месец март, 2024

0
97

Друштвото МН врши отпис на побарувања кои ги има од физички лица а кои се постари од три години и при тоа врши усогласување во ДБ.

Дали при отписот треба да се плати и данок на личен доход за физичките лица за кои се врши отпис на побарувања? Доколку се плати данок на личен доход а во иднина Друштвото МН ги наплати побарувањата на кој начин ќе се извршии барање за враќање на платениот данок на личен доход?

Во член 12 став 1 од Законот за данок на личен доход (во натамошниот текст ЗДЛД), јасно е дефинирано кои видови на доход не се предмет на оданочување со данок на личен доход. Друг доход во смисла на овој закон е секој доход кој не се смета за доход на физичките лица од членот 3 точки 1), 2), 3), 4), 5), 6), 7), 8) ,9) и 10) од овој закон и не е изземен од оданочување со одредбите од членот 12 од овој закон (член 71 став 1 од ЗДЛД).

Основа за пресметување на данокот на доход од членот 71 од овој закон е бруто-доходот согласно член 72 од ЗДЛД. Aконтација на данокот на доход се плаќа по одбивка, односно исплатувачот на доходот го пресметува, задржува и плаќа данокот на доход за обврзникот при секоја исплата и за друг доход (член 80 став 1 точка 9) од ЗДЛД).

Пред секоја исплата на доходот на кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка, друштвото е должно до УЈП да достави пресметка за бруто доходот, одбитоците, пресметаниот данок по одбивка и нето-доход за исплата, за секој обврзник поединечно. Во пресметката износот на остварениот доход се искажува како:

  • Вид на доход Т11 – Друг доход и
  • Подвид на доход S11.2. – Друг доход.

По приемот и обработката на електронската пресметка „е-ППД“, органот за јавни приходи преку електронскиот систем „е-Персонален данок“, ја одобрува пресметката на обврзникот, со доделување Фолио број и издава Рекапитулација за утврдување на аконтација на данок на личен доход со статус „Одобрена“ и налог за плаќање на данок на личен доход.
Плаќањето на данокот на доход кај носителот на платниот промет се врши на образец ПП53.

Доколку даночниот обврзник го наплати данокот на личен доход од физичките лица, може да поднесе Барање УЈП-УН-З.2-39 до Управата за јавни приходи, доколку платил поголем износ од оној кој бил должен да го плати, доколку по грешка уплатил данок или споредна даночна давачка иако немал обврска за тоа, и доколку платил данок, но подоцна е ослободен од обврската за плаќање на истиот, со прилог докази.

Нашето друштво има дадено позајмица на странско друштво за што е склучен договор за долгорочен заем (со рок на враќање подолг од една година).

Дали износот на невратениот заем на 31.12 во тековната година сепак ќе се врати во ДБ за таа година како непризнат расход и покрај тоа што се работи за договор за долгорочна позајмица?

Согласно член 11 од ЗДД, непризнаени расходи за даночни цели се и ненаплатените побарувања кои произлегуваат од трансфери на парични средства кои по својата економска суштина се заеми, доколку не се вратени во истата година во која е извршен трансферот на заемот. Одредбата од ставот (1) на овој член не се применува за дадените заеми на правни лица резиденти на Македонија.

Според тоа даночната основа во образецот ДБ за тековната година се зголемува за износот на сите трансфери на парични средства, кои по својата економска суштина се заеми, а кои не се вратени до крајот на годината што значи и за склучениот долгорочен договор ќе се зголеми даночната основа за оданочување со данок на добивка.

Дали треба да се пресметува данок на личен доход според член 15 точка 2-б од ЗДЛД, за користењето на моторни возила  во сопственост на правно лице ДОО, а кои возила се основни средства  на правното лице со кое се обавува главната дејност –  лиценциран превоз на патници и такси превоз?

Според член 15 став (1) точка 2-б)  од Законот за данокот на личен доход,  за доход од работа се смета користење на службени моторни возила или други превозни средства за приватни цели, вклучувајќи и превоз од и до работно место.

Согласно член 16 став (1) точки 2-б) и 2-в) од ЗДЛД, основа за пресметување на данокот на доход од работа претставува:

  • износот од 1% од сметководствената вредност на моторното возило на 31 декември во претходната година, а доколку вработениот платил надоместок за користење,  намален за износот на надоместокот што вработениот го платил за користењето, месечно;
  • износот од 1% од набавната вредност на моторното возило во годината во која е набавено возилото, односно износот од 1% од набавната вредност на моторното возило намалена за пресметаната амортизација со примена на амортизационaта стапкa утврденa со Номенклатурата на средствата за амортизација, во случај кога моторното возило е набавено врз основа на договор за лизинг, месечно.

Доколку службените возила се користат исклучиво за дејноста која ја врши правното лице – лиценциран превоз на патници и такси превоз, во тој случај правното лице нема обврска за пресметување и плаќање на данокот на личен доход.

Доколку правното лице службеното возило покрај за службени цели го користи и за приватни цели во тој случај истото е предмет на оданочување со данокот на личен доход имајќи ги во предвид горенаведните одредби од ЗДЛД.