Најчести прашања и одговори од месец јануари, 2024

0
199

Каков е даночниот третман од аспект на ЗДД на дополнителните доплати предвидени согласно член 191 од ЗТД, дали имаат третман на трансфер на парични средства кои по својата економска суштина преставуваат заеми соглсно член 11 од ЗДД. При ова намоменуваме дека согласно цитираните одредби од член 191 став 7 од Законот за трговските друштва, дополнителните доплати се враќаат на содружникот кога ќе престанат условите поради кои истите се дадени, што може да знали и по истекот на повеќе години во однос на годината во која дополнителните доплати се дадени. Дополнително како се оданочуваат расходите кои друштвото ќе ги има, во моментот кога дополнителните доплати ќе треба да се вратат на содружникот согласно член 191 став 7 од Законот за трговските друштва?

Член 191 Дополнителни доплати од Закон за трговските друштва (ЗТД):


(1) Со договорот за друштвото може да се определи сите или одделни содружници да се обврзат да дадат дополнителни доплати над износот на влогот само кога е тоа потребно за покривање на загубите или за привремена неопходна потреба од парични средства.
(2) Ако со договорот за друштвото не е определено одлуката за дополнителни доплати да се донесе со мнозинство од најмалку две третини од дадените гласови, содружниците одлуката ја донесуваат едногласно.
(3) Дополнителните доплати не ги зголемуваат влоговите на содружниците како ни основната главнина на друштвото, освен кога со одлуката за дополнителни доплати е определено истите да бидат трансформирани во влог во друштвото согласно со одредбите од овој закон за зголемување на основната главнина.
(4) Дополнителните доплати на содружниците мора да бидат сразмерни на нивните удели во друштвото, освен ако содружниците не се согласат на поинаков сооднос.
(5) Содружникот не може својата обврска за давање дополнителна доплата да ја пребива со побарување спрема друштвото.
(6) Содружникот на друштвото што е во доцнење со обврската за давање дополнителна доплата е должен на друштвото да му плати законска затезна камата и да му ја надомести штетата што со тоа му ја причинил, освен ако со договорот за друштвото поинаку не е определено.
(7) Ако престанат условите од ставот (1) на овој член за обврската на содружниците за давање дополнителни доплати, на содружниците мора да им се вратат дополнителните доплати. Враќањето не смее да се изврши пред истекот на три месеца сметано од денот кога одлуката за враќање на дополнителните доплати ќе биде објавена на пропишан начин. Враќањето на дополнителните доплати е допуштено само кога содружниците целосно го имаат платено влогот. Враќањето на дополнителните доплати пред целосната уплата на влогот е ништовно.

Согласно член 11 од ЗДД, непризнаени расходи за даночни цели се и ненаплатените побарувања кои произлегуваат од трансфери на парични средства кои по својата економска суштина се заеми, доколку не се вратени во истата година во која е извршен трансферот на заемот.

Оваа одредба не се применува за дадените заеми на правни лица резиденти на Република Македонија.

Со цитираните одредби од член 191 од ЗТД, пропишани се условите под кои можат да се вршат дополнителни доплати. Трансферот на парични средства кои по својата економска суштина се заеми претставуваат непризнати расходи за даночни цели доколку не се вратени во истата година во која е извршен трансферот на заемот.

Како е правилниот даночен третман од аспект на ЗДЛД при продажбата на акции кои физичкото лице ги има претходно купено?

Согласно член 3 став 1 точка 8 од Законот за данок на личен доход под личен доход се подразбираат и капитални добивки остварени во земјата и во странство. На оданочување подлежи доходот од ставот 1 на овој член што е остварен во пари, во хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид.

Обврзник на данокот на доход е секое физичко лице резидент на Македонија за доходот што го остварува во земјата и во странство. Под капитална добивка се подразбира разликата помеѓу продажната и набавната цена при продажба или размена на хартии од вредност (член 58 од ЗДЛД).

Обврзник на данокот на доход од капитални добивки е физичко лице кое остварува добивка (член 59 од ЗДЛД).

Според член 60 од ЗДЛД, основа на данокот на доход од капитални добивки претставува разликата помеѓу продажната цена на хартии од вредност, и нивната куповна (набавна) цена. Согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход објавен во Службен весник број 274/22, во преодните одредби во член 21 и 22 е дефинирано дека:

“Одредбите од членовите 58, 59, 60, 61 и 62 од Законот за данокот на личен доход (Службен весник 241/18, 275/19, 290/20 и 85/21) и одредбите од членот 15 од овој закон со кои се додава нов член 85-а, одредбите од членот 18 од овој закон со кои се додава нов член 91-а и одредбите од членот 19 од овој закон со кои во член 93 се додава нов став (4) кои се однесуваат на оданочувањето на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, ќе се применуваат за хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд кои се стекнати почнувајќи од 1 јануари 2023 година од страна на обврзникот или од страна на правниот претходник во случај на наследување или подарок.

Пресметката на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд согласно одредбите од членовите 58, 59, 60, 61 и 62 од Законот за данокот на личен доход (Службен весник 241/18, 275/19, 290/20 и 85/21) и одредбите од членот 15 од овој закон со кои се додава нов член 85-а, одредбите од членот 18 од овој закон со кои се додава нов член 91-а и одредбите од членот 19 од овој закон со кои во член 93 се додава нов став (4) ќе се врши хронолошки, според временскиот период на извршените трансакции, со користење на методот на прв влезен, прв излезен (FIFO метод) од најстарата кон најновата трансакција, почнувајќи од 1 јануари 2023 година”.

Имајќи ги во предвид напред наведените одредби, доколку со хартиите од вредност сте се стекнале пред 01.01.2023 година и истите ги продавате по 01.01.2023 година, во тој случај немате обврска истите да ги пријавите и да платите данок на личен доход.

Доколку пак, со хартиите од вредност физичкото лице се стекнало по 01.01.2023 година, и истите ги продава во 2023 година и остварил позитивна разлика, во тој случај капиталната добивка, физичкото лице има обврска да ја пријави во Управата за јавни приходи и да плати данок на личен доход.

Според член 87 став 1 точка 3) од ЗДЛД, во текот на годината обврзникот пресметува и плаќа аконтација на данок на доход и за доход од странство.

Согласно член 88 став 1 точка 4) од ЗДЛД, обврзникот кој во текот на годината остварува доход кој подлежи на оданочување со данок на доход врз основа на овој закон е должен да поднесе пресметка на аконтација на данок на доход и докази до органот за јавни приходи и за: доход остварен од странство до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е остварен доходот.

Во пресметката износот на остварениот доход се искажува како Вид на доход Т8. Капитални добивки и Подвид на доход Ѕ8.1. Капитална добивка од продажба на хартии од вредност.

За доходот остварен во странство, се внесуваат податоци за: датум на прилив од странство, износ на остварениот доход во странска валута, валута во која е исплатен доходот (се врши избор од понудено мени).

Врз основа на внесените податоци, системот автоматски ќе го пресмета остварениот доход во денари (по среден курс на датумот кога е остварен доходот во странство).

Пресметката е-ППД за доходот остварен во странската држава секогаш треба да ја провери и одобри службено лице од УЈП.

По приемот и обработката на електронската пресметка “е-ППД”, органот за јавни приходи преку електронскиот систем “е-Персонален данок”, ја одобрува пресметката на обврзникот, со доделување Фолио број и издава Рекапитулација за утврдување на аконтација на данок на личен доход со статус “Одобрена” и налог за плаќање на данок на личен доход.

Согласно член 93 од ЗДЛД, аконтација на данокот на доход утврден во одобрените пресметки се плаќа најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец и за доходот остварен од странство.

Плаќањето на данокот на доход кај носителот на платниот промет се врши на образец ПП53.

Фирма донира и дава на подарок основни средства (мебел, компјутери и сл.) на физички лица и на свои вработени, некои од средствата имаат, а некои немаат сметководствена вредност. Кои видови даноци треба да се платат и на која вредност?

Согласно член 71 став 1 од ЗДЛД, друг доход во смисла на овој закон е секој доход кои не се смета за доход на физичките лица од членот 3 точки 1), 2), 3), 4), 5), 6), 7) , 8) ,9) и 10) од овој закон, и не е изземен од оданочување со одредбите од членот 12 од овој закон.

Основа за пресметување на данокот на доход е бруто-доходот.

Аконтација на данокот на доход се плаќа по одбивка, односно исплатувачот на доходот го пресметува, задржува и плаќа данокот на доход за обврзникот при секоја исплата и за друг доход (член 80 став 1 точка 1 од ЗДЛД)

Аконтација на данокот на доход од член 80 став 1 точка 1) од ЗДЛД пресметува исплатувачот за секој обврзник и за секој поединечно исплатен доход.

Според член 92 став 1 од ЗДЛД, исплатувачот на доходот од член 80 од овој закон за кој аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка е должен задржаниот данок да го уплати при секоја поединечна исплата, на соодветно утврдена даночна основа.

Исплатувачот, пред секоја исплата на доходот, е должен до УЈП да достави Пресметка на аконтација на данок и за друг доход.

Во пресметката се искажува како Вид на доход Т11 – Друг доход и подвид на доход – S11.2. Друг доход, а начин на исплата во друг облик, при што како износ се искажува пазарна вредност во моментот на донирање односно подарување на основните средства (мебел, компјутери и сл.).

По приемот и обработката на електронската пресметка („е-ППД“), органот за јавни приходи преку електронскиот систем „е-Персонален данок“, ја одобрува пресметката на обврзникот, со доделување Фолио број и издава Рекапитулација за утврдување на аконтација на данок на личен доход со статус „Одобрена“ и налог за исплата на данокот на личен доход.