Најчести прашања и одговори од месец декември, 2023

0
230

Дали пресметаниот и уплатен данок за солидарност треба да биде трошок за периодот, дали истиот ќе биде даночно признаен трошок за 2023?

Обврзниците за данокот на добивка кои имаат обврска за плаќање на данокот за солидарност согласно одредбите од ЗДС, платениот данок за солидарност ќе се смета за признат расход.

Друштво “МН” со седиште во Скопје плаќа обука за двајца вработени кај нивен купувач – друштво “КИ” од Неготино, која обука ќе се одржи во Србија и за која ф-ра ќе издаде изведувачот на обуката кој е фирма резидент на Србија. Целта на обуката е вработените на нивниот клиент да се обучат за монтажа на врати (посебен систем) кои се ексклузивен производ на Друштвото “МН”. Сите трошоци поврзани со оваа обука ги плаќа Друштво “МН” од Скопје. Дали треба да се плати данок на личен доход за вредноста на фактурата од добавувачот за обуката (наведено е во фактурата за кои двајца вработени се однесува обуката).

Во  член 12, став (1), точка 46 од Законот за данок на личен доход, данок на доход не се плаќа на надоместоци на трошоци за обуки и доквалификација (стекнување сертификати, лиценци и сл.) на вработени лица, поврзани со нивното работно место, под услов истите да продолжат со работа кај истиот работодавач, во временски период утврден со договор.

Според напред наведената одредба, од причина што  плаќањето на фактурата за одржување на обука на физичките лица кои се вработени кај друг работодавач е на терет на друго правно лице, правното лице има обврска да пресмета и задржи данок на личен доход согласно член 71 од ЗДЛД.

Согласно член 71 став 1 од ЗДЛД друг доход во смисла на овој закон е секој  доход кој не се смета за доход на физичките лица од членот 3 точки 1), 2), 3), 4), 5), 6), 7), 8) ,9) и 10) од овој закон, и не е изземен  од оданочување со одредбите од членот 12 од овој закон. Основа за пресметување на данокот на доход од членот 71 од овој закон  е бруто-доходот согласно член 72 од ЗДЛД. 

Според член 80 став 1 точка 11) од ЗДЛД, аконтација на данокот на доход се плаќа по одбивка, односно исплатувачот на доходот го пресметува, задржува и плаќа данокот на доход за обврзникот при секоја исплата и за друг доход. Согласно член 84 од ЗДЛД, аконтација на данокот на доход  од член 80 став 1 точка 11) од ЗДЛД пресметува исплатувачот за секој обврзник и за секој поединечно исплатен доход.

Според член 85 од ЗДЛД, исплатувачот од членот 84 од овој закон, пред секоја исплата на доходот на кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка, е должен до органот за јавни приходи да достави пресметка за бруто доходот, одбитоците, пресметаниот данок по одбивка и нето-доход за исплата, за секој обврзник поединечно. Согласно член 92 став 1 од ЗДЛД, исплатувачот на доходот од член 80 од овој закон за кој аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка е должен задржаниот данок да го уплати при секоја поединечна исплата, на соодветно утврдена даночна основа.

Во пресметката износот на остварениот доход се искажува како Вид на доход  Т11 Друг доход и подвид на доход S11.2. Друг доход. По приемот и обработката на електронската пресметка „е-ППД“, органот за јавни приходи преку електронскиот систем „е-Персонален данок“, ја одобрува пресметката на обврзникот, со доделување Фолио број и издава Рекапитулација за утврдување на аконтација на данок на личен доход со статус „Одобрена“ и налог за плаќање на данок на личен доход.

Купено е патничко возило со договор за финансиски лизинг. Во фактурата е искажан одреден износ на надомест за финансиски лизинг за патничкото возило. Дали овој надомест за лизинг е признат расход во даночниот биланс ДБ?
Фактурата која ја плаќаме за набавено патничко возило на лизинг има искажан износ за надомест за финансиски лизинг, дали овој износ претставува признат расход во ДБ?

Во  Правилникот за водење на сметководство се објавени МСС и МСФИ за МСЕ. Конкретно МСС-17 Наеми и Оддел 20-Наеми.

Во член 9 став 1 точка 11 од ЗДД, како непризнаени расходи за даночни цели  се сметаат  трошоци по основ на камата по кредити кои не се користат за вршење на дејноста на обврзникот како и износот на каматите по кредити за набавка на патнички автомобили, мебел, теписи, уметнички дела од ликовната и применетата уметност и украсни предмети.

Надоместокот за финансиски наем согласно МСС 17 е  финансиски расход – камата а согласно точката 11 од член 9 од ЗДД се смета за непризнат расход.

Сепак, по исклучок сметаме дека за ситуациите кога набавениот патнички автомобил се употребува за вршење на основната дејност на компанијата и претставува непосреден услов за извршување на таа дејноста како на пример возила за обука на возачите, такси возила, специјални медицински возила, и тн) ќе има третман на признат расход.