Почетна » Обуки » За кого се наменети обуките?

За кого се наменети обуките?

Човек учи додека е жив.

Во денешно време, клуч за успехот на секој поединец е способноста континуирано да се учи. Затоа, секој оној кој сака да се надградува со нови знаења е добредојден во нашиот тренинг центар.
Најважното нешто што може да го научите од нас е тоа како да размислувате и како да ги применувате сите расположливи ресурси за да стигнете до решението на даден проблем.
Нашите обуки се интерактивни и по нивното апсолвирање активно го поттикнуваме вмрежувањето на нашите слушатели. За остварување на оваа цел и по завршувањето на обуките организираме семинари и средби на кои ги запознаваме нашите слушатели со сите законски промени, нови сметководствени стадарди, нови искуства и сознанија, но и разменуваме мислења и ставови со нашите слушатели и го поттикнуваме процесот на комуникација помеѓу самите слушатели.
Убедени сме дека процесот на учење е можен само со взаемна комуникација со слушатели и нивно активно вклучување во наставата – преку коментари, прашања, лични искуства или споделување на знаења и мислења поврзани со темата. На семинарите се добредојдени сите слушатели кои сакаат да одржуваат контакт со нас, но и да се вмрежат со слушатели од други генерации заради остварување на деловни контакти и можности за деловна соработка.

За кого се наменети обуките за практично сметководство?

  • Млади економисти – сите оние кои имаат завршено средно економско училиште или економски факултет. Сметководството е нервен систем на една економија. Без разлика дали планирате кариера како даночен консултант, аналитичар, сметководител или ревизор, секој економист мора да има, во најмала рака основни познавања од оваа област;
  • Претприемачи, управител, сопственици на бизниси – сметководството е азбука која мора да ја познава секој оној кој управува со сопствена или туѓа фирма, или има удел во некоја компанија;
  • Секој оној кој планира да работи административна работа. Без разлика дали станува збор за приватна фирма, невладина организација или државен апарат, материјално или финансиско сметководство или деловна администрација: секаде се потребни базични познавања од областа на сметководството. Освен тоа, со оваа обука се стекнувате и со основни познавања поврзани со трговското право (Законот за трговски друштва) и со даночната регулатива на Р. Македонија (Законите за Данок на додадена вредност (ДДВ), Данокот на личен доход (ДЛД) и Данок на добивка (ДД)).

За кого се наменети обуките за напредно сметководство?

  • Оние кои планираат кариера во сметководство, ревизија или даночно-финансиската контрола;
  • Одговорни финансиски директори во поголеми претпријатија (производство, градежништво и сл.).

За кого се наменети обуките за финансиска анализа?

  • Идеални се за оние кои сакаат да одржат поголемо ниво на контрола над својот бизнис: претприемачи, управител, сопственици на бизниси. Сметководствените податоци се само основа за анализа при деловното одлучување. Тие мора да бидат обработени така што ќе го олеснат процесот на деловно одлучување;
  • Сите оние коишто работат на работни места поврзани со сметководство и финансии, без разлика на секторот во кој се вработени (трговија, услуги, производство, градежништво итн.);
  • Секој оној кој планира да работи во брокерска куќа, банка, сметководствено-ревизорска куќа, секој оној кој планира да дава услуги поврзани со финансиски консалтинг или да работи во каква било финансиска институција.

За деловни субјекти

Доколку одделот за извршување на сметководствени работи во Вашата фирма има потреба од експертска помош, а Вие не сакате да се снабдувате со сметководствени услуги од надворешен провајдер (односно доколку од какви било причини преферирате да одржувате сметководствена единица во рамките на Вашата фирма), слободно контактирајте со нас.

Контакт информации ќе најдете тука или во едно од подменијата од навигационото мени.

Во зависност од обемот и содржината на проблемот, по договор со Вас, може да одржиме куси семинари, советувања, in house школи и сл.