Најчести прашања и одговори од месец јули, 2023

0
344

Во оваа нова рубрика на нашата Веб страница ќе се обидеме да дадеме одговори на најчесто поставуваните прашања кои сме ги добиле во текот на изминатиот месец.

Спортскиот клуб примил парични средства врз основа на договор за спонзорство и во договорот е наведено донаторот да добива реклама конкретно испишано име на донаторот на дресовите, банер на стадионот и сл. Описот на издадената фактура со искажан ДДВ гласи спонзорство и реклама. Даночниот обврзник нема поднесено и не поседува потврда од Министерстото за правда дека ова спознорство е од јавен интерес, па оттука и прашањето дали овој трошок за реклама е признат расход за целите на оданочување со данокот на добивка?

Со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности (ЗДСЈД) се уредуваат давањето и примањето на донациите и спонзорствата со кои давателот и примателот можат да бараат даночни поттикнувања, целта на давањето и примањето, давателите и примателите, предметот, користењето, даночните поттикнувања и евидентирањето и контролата на донациите и спонзорствата во јавните дејности.

Согласно ЗДСЈД, спонзорство е доброволна финансиска исплата, давање добра или услуги за конкретен проект и/или активност, кои овозможуваат директна корист на давателот како што се промоција на име, фирма и заштитен знак на давателот на спонзорството. Промоција е афирмативно истакнување на името, фирмата и заштитниот знак на давателот на донацијата и спонзорството при давање на донација и спонзорство за вршење на јавна дејност.

Согласно член 4 став (1) од ЗДСЈД, давателот и примателот на донацијата и спонзорството склучуваат договор во писмена форма, согласно со Законот за облигационите односи. Примател на спонзорство може да биде домашно правно лице кое врз основа на применото спонзорство ги извршува обврските што произлегуваат од договорот за спонзорство.

Согласно член 9 од ЗДСЈД, објавувањето на името, фирмата и заштитниот знак на давателот на донацијата и на спонзорството во јавните, печатените и електронските медиуми не се смета за реклама.

Цел на донацијата и спонзорството е остварување, унапредување, промоција и поддршка на дејностите од јавен интерес.

Спонзорство се дава на примателот на спонзорството за имплементација на јавниот интерес од определена јавна дејност дефинирана во договорот за спонзорство (член 11, став 1 и став 2). Според член 21 од ЗДСЈД, потврдувањето на јавен интерес се врши со поднесување на барање од страна на давателот или примателот на донацијата односно спонзорството до Министерството за правда, кое по претходно мислење од надлежен орган издава Решение со кое го потврдува јавниот интерес на дадената донација или спонзорство.

Согласно член 9 став 1 точка 10 од Законот за данок на добивка, како непризнаени расходи за даночни цели се сметаат трошоците за спонзорства направени во согласност со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, над 3% од вкупниот приход остварен во годината. Од сето наведено произлегува дека трошоците за спонзорство кои не се во согласност со ЗДСЈД, се сметаат за непризнат расход и подлежат на оданочување со данок на добивка.

Aдвокатско друштво со полномошно за продажба на стан сопственост на продавачот ја наплатило купопродажната цена која потоа во целост ќе ја уплати на продавачот без да задржи од тие средства. Согласно адвокатскиот тарифник за оваа услуга адвокатското друштво издава фактура. Дали постои обврска да плаќање данок на добивка за средствата кои се однесуваат на станот кои само ќе поминат низ жиро сметка?

Приходите се дефинирани согласно Оддел 23 од Меѓународните стандардните за финансиско известување (МСФИ) за мали и средни ентитети (МСЕ). Во точката 23.4 е наведено дека, ентитетот ги вклучува во приходите само бруто приливите од економски користи примени или побарувани од ентитетот на негова сметка. Ентитетот ги исклучува од приходите сите износи наплатени во име на трети страни како што се даноци за продажба, даноци за стоки и услуги и даноци на додадена вредност. Во својство на агенција, ентитетот ги вклучува во приходите само износите на неговата провизија. Износите наплатени во име на главницата не се приходи на ентитетот.

Според точка 8 од Меѓународниот сметководствен стандард 18 Приходи (МСС 18), приходот ги вклучува само бруто приливите на економски користи кои ентитетот ги прима и побарува за своја сопствена сметка. Износите кои се наплатени во име на трети лица како што се даноците на продажбата, даноците на производите и услугите и даноците на додадена вредност, не се економски користи кои претставуваат прилив за ентитетот и не резултираат во зголемување на главнината. Според тоа, тие се исклучуваат од приходите. На сличен начин, кај посредничкиот однос, бруто приливите на економски користи вклучуваат износи кои се наплатени во име на налогодавателот и коишто не резултираат во зголемување на главнината за ентитетот. Наместо тоа, приход е износот на провизијата.

Според цитираните стандарди може да се заклучи дека продажбата на станот сопственост на продавачот за која адвокатско друштво со Полномошно е овластено да ја наплати купопродажната и која потоа во целост ќе ја уплати на сметка на продавачот, за друштво не претставува приход наместо тоа приход е приливот на средства по основ на извршената услуга за која ќе се издаде фактура според Адвокатската тарифа.

Физичко лице продава  стара спортска опрема на правно лице по нето цена во износ од 500.000 денари. Физичкото лице е ДДВ обврзник по основ на вршење на услуги по договор на дело. Опремата е стара 5-10 години. Прашањето е дали  при продажба на спортската опрема (тегови, орибитрек, топки и сл.) кон правното лице, треба да се пресмета и плати ДЛД и ДДВ?

Согласно член 3 став 1 точка 8) од Законот за данок на личен доход, под личен доход се подразбира  и доходот од капитални добивки  остварен во земјата и во странство. На оданочување подлежи доходот од ставот 1 на овој член што е остварен во пари, во хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид.

Според член 58 од ЗДЛД под капитална добивка се подразбира разликата помеѓу продажната и набавната цена при продажба или размена на друг подвижен  имот.

Ако разликата е негативна, се остварува капитална загуба.

Согласно член 59 од ЗДЛД, обврзник на данокот на доход од капитални добивки е физичко лице кое остварува добивка. Според член 60 од ЗДЛД, основа на данокот на доход од капитални добивки претставува разликата помеѓу продажната цена на  друг подвижен имот и нивната куповна (набавна) цена.

Согласно изнесеното, доколку продажната цена на движен имот (спортска опрема) е повисока од набавната цена по која се набавени станува збор за остварување на капитална добивка од продажба на подвижен имот и физичкото лице има обврска согласно член 79, 87 и 88 од ЗДЛД со поднесување на електронска пресметка до органот за јавни приходи да ја пријави остварената капитална добивка.

По приемот и обработката на електронската пресметка „е-ППД“, УЈП преку електронскиот систем „е-Персонален данок“, ја одобрува пресметката на обврзникот, со доделување Фолио број и издава Рекапитулација за утврдување на аконтација на данок на личен доход со статус „Одобрена“ и налог за плаќање на данок на личен доход.

Аконтација на данокот на доход утврден во одобрените пресметки се плаќа најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец .

Плаќањето на данокот на доход кај носителот на платниот промет се врши на  образец ПП53.

Согласно член 2 точка 1 од Законот за данокот на додадена вредност, предмет на оданочување со данокот на додадена вредност е прометот на добра и услуги кој се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност.

Промет на услуги претставува секоја дејност која не е промет на добра во смисла на член 3 од ЗДДВ (член 6 став 1 од ЗДДВ).

Даночен обврзник, во смисла на член 9 став 1 од ЗДДВ е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност. Даночни обврзници можат да бидат правни и физички лица како и здружување на лица. Даночен обврзник е секој самостојно активен економски субјект кој постојано или повремено врши исполнувања за надоместок.

Како правната форма, така и правната способност на вршителот на прометот се небитни.

Под стопанска дејност се подразбира секоја дејност на производителите, трговците и лицата кои извршуваат услуги, која има за цел остварување приходи, вклучувајќи ги дејностите од областа на рударството, земјоделството и шумарството, како и отстапувањето на материјални и нематеријални добра за нивно користење (член 9 став 2 од ЗДДВ).

Извршувањето услуги по договор на дело претставува дејност која според својата содржина е стопанска и оданочива.

Согласно претходнонаведеното како регистриран даночен обврзник за целите на ДДВ, ќе имате обврска да издавате фактури со пресметан ДДВ само за извршениот промет односно  извршените дејности кои се во рамки на вршење на вашата оданочива стопанска дејност, односно при продажбата на спортска опрема нема да имате обврска да пресметате ДДВ.