Најчести прашања и одговори од месец октомври, 2023

0
303

Во оваа нова рубрика на нашата Веб страница ќе се обидеме да дадеме одговори на најчесто поставуваните прашања кои сме ги добиле во текот на изминатиот месец.

Согласно последните змени на ЗДД, се укинува даночно олеснување од член 9 став 1 точка 5-а) кое се однесува на признавање на трошоците за уплатени премии за животно осигурување на вработените до износот од две просечни месечни бруто плати, исплатени во претходната година во Македонија на годишно ниво по вработен.

Дали доколку имаме уплатени премии по 25.09.2023 за непризнат расход ќе се смета целиот износ на уплатените премии за животно осигурување на вработените?

Наш став и мислење е дека доколку имате извршено уплати по основ на премии за животно осигурување на вработените по 25.9.2023 година кога оваа измена стапува на сила, истите ќе се сметаат за непризнат расход со кој се зголемува основата за оданочување со данок на добивка.

На мислење сме дека уплатите по овој основ до тој датум пак се сметаат за признат расход.

Во однос на измените на член 19 од ЗДДВ кои се во примена од 25.09.2023 поврзани со увозниците на половни возила (трговија на големо), имаме дилема во однос на пресметување на ДДВ од увозната декларација и даночниот третман од аспект на данокот на добивка.

Согласно последните измени во ЗДДВ (Службен весник 199/2023) и новиот начин на формулирање на даночната основа кај увезените половни автомобили, дали увозникот во неговата излезна фактура мора да го искаже во целост износот на ДДВ од увозна декларација и кога реалната даночна основа (нето продажната цена) ќе биде помала од декларираната вредност според Царина или ДДВ-то е на товар на увозникот – продавач и доколку е на негов товар, дали износот на разликата ќе биде признат расход за целите на данокот на добивка?

Според последните измени во ЗДДВ и новиот член 19, став (7) од ЗДДВ првиот и секој понатамошен промет со увезени употребувани патнички моторни возила извршен во рок од три години од денот на увозот, даночната основа не може да биде пониска од вредноста што ја одредил надлежниот царински орган при увозот на возилото, со напомена дека нема да се применува на прометот со половните патнички моторни возила кои се увезени на територијата на Македонија до денот на влегувањето во сила на овој закон (24.09.2023).

Како регистриран даночен обврзник за целите на ДДВ согласно член 53 од ЗДДВ за наведениот промет треба да фактурирате со ДДВ со примена на даночна основа согласно член 16 и член 17 од ЗДДВ, но данокот треба да го плати фирмата – обврзник согласно член 19 став 7 од ЗДДВ, доколку продажната вредност е пониска од вредноста што ја утврдил царинскиот орган.

Забелешка: Во фактурата во посебен дел треба да се наведе како информација даночната основица која ја утврдил царинскиот орган со број на ЕЦД и датум.

За целите на оданочување со данокот на добивка наш став е дека настанатата разлика од данокот на додадена вредност од увозната декларација, ќе има третман на признат расход.

Фирма (ДООЕЛ) основана во Македонија од страна на основач на фирмата кој е странско физичко лице, со потекло од Украина и со регулиран престој во Македонија по основ на редовно вработување. Основачот на фирмата сака да исплати дивиденда – добивка за 2022 година. Дали основачот на фирмата во Македонија ќе плати данок на исплатена дивиденда во Украина и ќе е ослободен од обврската за исплата на данок во Македонија или обратно, ќе плати данок на личен доход во Македонија?

Според член 3 став 1 точка 7 од Законот за данокот на личен доход, под личен доход се подразбира доход од капитал остварен во земјата и странство.

На оданочување подлежат сите приходи што се остварени во пари, хартии од вред-ност, во натура, или во некој друг вид. Согласно член 5 од ЗДЛД, даночен обврзник на данокот на доход е секое физичко лице резидент на Република Македонија за доходот што го остварува во земјата и во странство.

Според член 55 од ЗДЛД, под доход од капитал се подразбираат и дивиденди и друг доход остварен со учество во добивката кај правните лица.

Согласно член 56 од ЗДЛД, обврзник на данокот на доход од капитал е физичко лице кое остварува доход од член 55 на овој закон. Основа на данокот на доход на остварените дивиденди претставува износот на бруто-дивидендите, односно доходот од учество во добивката, распределени на обврзникот. согласно член 57 од ЗДЛД.

Заради одбегнување на двојното оданочување по однос на данокот на доход и данокот на капитал и за заштита на фискалната евазија Владата на Република Македонија има склучено договор со Владата на Украина (“Сл.весник на РМ” број 21/1998, а со примена од 01.01.1999 година).

Во член 10 од Договорот “ДИВИДЕНДИ” е дефинирано дека дивидендите кои ги исплатува друштво кое е резидент на државата договорничка на резидентот на другата држава договорничка се оданочува во таа друга држава. Меѓутоа, таквите дивиденди можат да се оданочат и во државата договорничка чиј резидент е друштвото кое ги исплатува дивидендите во согласност со законите на таа држава, но ако примателот е стварен корисник на тие дивиденди, обложениот данок не може да надмине повеќе од:

  • 5% од бруто износот на дивидендите ако стварниот корисник е друштво (исклучувајќи го партнерството), кое држи непосредно најмалку 25% од капиталот на друштвото кое ги исплатува дивидендите;
  • 15% од бруто износот од дивидендите во сите други случаи.

Имајќи во предвид дека странското физичкото лице (основач) има регулиран престој во Македонија по основ на вработување, странското физичко лице е резидент на Македонија согласно член 5 од ЗДЛД и исплатата на дивидендата е предмет на оданочување во Македонија имајќи ги во предвид одредбите од член 5 од ЗДЛД и член 10 став 1 и 2 точка 2 од Спогодбата.

Физичко лице во декември 2021 година со купопродажен преддоговор е запишан како носиел на право во лист за предбележување. Како носител на листот за предбележување е запишан  инвеситорот.

Физичкото лице своето право го отстапува на друго физичко лице кое платило поголем износ на парични средства за отстапеното право во однос на физичкото лице кое го продава (отстапува) своето право.

Носител на листот за предбележување и понатаму останува Инвеститорот од причина што за објектот сеуште не е одобрен  технички прием. Прашањето е дали физичкото лице кое го продава своето право треба да се плати данок на личен доход од капитална добивки?

Под капитална добивка се подразбира разликата помеѓу продажната и набавната цена при продажба или размена на недвижен имот, хартии од вредност, удели издадени од инвестициски фонд, учество во капиталот, друг подвижен и нематеријален имот (член 58 од ЗДЛД).   

Под нематеријален имот се подразбира имотот без физичка содржина, кој може да се идентификува.

Обврзник на данокот на доход од капитални добивки е физичко лице кое остварува добивка (член 59 од ЗДЛД),

Основа на данокот на доход од капитални добивки претставува разликата помеѓу продажната цена на недвижен имот, хартии од вредност, удели издадени од инвестициски фонд, учество во капиталот, друг подвижен и нематеријален имот и нивната куповна (набавна) ценa (член 60 став 1 од ЗДЛД). За цели на утврдување на даночната основа, при дефинирање на куповната цена (набавната вредност) може да послужи цената наведена во преддоговорот со инвеститорот, или доколку наместо цена е наведена квадратура на станбени и/или деловни единици кои физичкото лице би ги добило во замена за отстапеното право, нивната пазарна цена во моментот кога првото физичко лице го отстапува (продава) правото на второто физичко лице.

Доколку физичкото лице остварува капитална добивка (позитивна разлика = продажна вредност  – набавна вредност на нематеријалниот имот) во тој случај има обврска добивката да ја пријави во Управата за јавни приходи преку системот е-Персонален данок најдоцна до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е остварен доходот (член 88 од ЗДЛД).