Друштво со основна дејности за производство на филмови, видеофилмови и телевизиска програма добива прилив на наменски финансиски средства по проект и претходна апликација, од Агенција за филм на Македонија, а согласно Договор за долгометражен филм. Приливот е над 2.000.000 ден. Дали друштвото треба да се регистрира за целите на ДДВ?

Согласно член 2, точка 1 од Законот за данокот на додадена вредност (ЗДДВ), предмет на оданочување со данокот на додадена вредност е прометот на добра и услуги коj се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност.

Прометот на добра и услуги подлежи на оданочување со данокот на додадена вредност според член 2 точка 1 од ЗДДВ, само ако истиот се извршува со надоместок (размена на исполнувања). Размената на исполнувања претпоставува дека постојат исполнувач и примател на доброто или корисник на услугата и дека за прометот постои противисполнување (надоместок).

За претпоставката на размена на исполнувања, прометот и противисполнувањето (надоместокот) мора да стојат во меѓусебна врска.

Размената на исполнувања може да настапи само ако прометот е насочен кон прием на противисполнување и ако со тоа се иницира саканото, очекуваното или можното противисполнување, така што на крај ќе бидат заемно поврзани меѓусебно извршените исполнувања. Едноставното плаќање надоместок, а особено плаќањето во готово или дознаката, не претставува промет во економска смисла.

Согласно член 51 став 1 од ЗДДВ, сите даночни обврзници, чиј вкупен промет во изминатата календарска година надминал износ од 2.000.000 денари или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот од вршењето на стопанската дејност дека ќе го надмине износот или во текот на годината го надмине износот обврзани се за регистрација за данокот на додадена вредност.

Вкупен промет претставува збир на прометот што го направил обврзникот во текот на календарската година и кој е предмет на оданочување според член 2 точка 1 од ЗДДВ, вклучувајќи го и данокот кој отпаѓа на него, освен прометот ослободен од данок без право на одбивка на претходниот данок. Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, фактичкиот вкупен промет се пресметува на ниво на вкупен промет за целата календарска година (член 51 став 2 од ЗДДВ).

Согласно напред наведеното сметаме дека даночниот обврзник нема обврска да се регистрира за целите на ДДВ, доколку не извршува промет на добра и услуги во смисла на член 51 став 1 од ЗДДВ.

Странско физичко лице има стекнато статус на даночен резидент бидејќи престојува во земјата непрекинато или со прекини 183 или повеќе дена во 12 месеци. Странското физичко лице остварува оданочив доход врз основа на договор за консалтинг услуги. Исплатувачот на овој доход е странско правно лице. Странското физичко лице, како македонски даночен резидент пресметува, декларира и плаќа данок на личен доход преку е-ПДД системот на УЈП. Дали странското физичко лице, даночен резидент на Македонија, треба да се регистрира за целите на ДДВ доколку биде надминат прагот за регистрација за цели на ДДВ, односно 2.000.000 денари?

Согласно член 2, став (1) од ЗДДВ, предмет на оданочување со ДДВ е прометот на добра и услуги кој се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност.

Промет на услуги претставува секоја дејност која не е промет на добра во смисла на член 3 од ЗДДВ (член 6 став 1 од ЗДДВ).

Даночен обврзник, во смисла на член 9, став (1) од ЗДДВ е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност. Даночни обврзници можат да бидат правни и физички лица како и здружување на лица. Даночен обврзник е секој самостојно активен економски субјект кој постојано или повремено врши исполнувања за надоместок. Како правната форма, така и правната способност на вршителот на прометот се неважни.

Согласно член 9, став (2) од ЗДДВ, под стопанска дејност се подразбира секоја дејност на производителите, трговците и лицата кои извршуваат услуги, која има за цел остварување приходи, вклучувајќи ги дејностите од областа на рударството, земјоделството и шумарството, како и отстапувањето на материјални и нематеријални добра за нивно користење.

Местото на промет на услугата се утврдува согласно член 14 од ЗДДВ. Согласно став (1) член 14, освен лицата наведени во член 9 од ЗДДВ како даночни обврзници ќе се сметаат и лица коишто вршат дејности или извршуваат промет што не е дефиниран како оданочив промет на добра или услуги во смисла на член 2 од овој закон, односно на секој промет на услуги извршен кон нив.

Согласно член 14, став (2) од ЗДДВ за место на прометот на услуга кон даночен обврзник, се смета местото, каде што тој даночен обврзник има вистинско седиште. Доколку прометот на услуги се врши кон подружница која даночниот обврзник ја има надвор од местото на вистинското седиште, тогаш како место на промет на услуги се смета местото каде што даночниот обврзник има подружница. Доколку такво место не постои, за место на прометот на услуги се смета постојаното живеалиште или престојувалиште на даночниот обврзник кој е корисник на услугата.

Согласно член 51, став (1) од ЗДДВ, сите даночни обврзници, чиј вкупен промет во изминатата календарска година надминал износ од 2.000.000 денари или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот од вршењето на стопанската дејност дека ќе го надмине износот или во текот на годината го надмине износот обврзани се за регистрација за данокот на додадена вредност.

Вкупен промет претставува збир на прометот што го направил обврзникот во текот на календарската година и кој е предмет на оданочување според член 2 точка 1 од ЗДДВ, вклучувајќи го и данокот кој отпаѓа на него, освен прометот ослободен од данок без право на одбивка на претходниот данок. Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, фактичкиот вкупен промет се пресметува на ниво на вкупен промет за целата календарска година (член 51, став (2) од ЗДДВ).

Според поглавје 110 став 1 од Упатството за примена на Законот за данокот на додадена вредност број 08-9289/1 од 19.06.2000 година, кон севкупниот промет се вбројува целокупниот промет на добра и услуги оданочив според ЗДДВ (вклучувајќи го данокот на додадена вредност), како и сите промети ослободени од данок според ЗДДВ со право на одбивка на претходниот данок. Прометот на добра и услуги кој не подлежи на оданочување и прометот ослободен од данок без право на одбивка на претходниот данок (член 23 од ЗДДВ) не се зема предвид при утврдувањето на севкупниот промет.

Согласно напред наведеното, доколку физичко лице (даночен обврзник согласно член 14 од ЗДДВ) обавува услуги кон даночен обврзник (согласно член 14 став 1 од ЗДДВ) каде корисникот на наведената услуга нема седиште, ниту подружница, ниту постојано живеалиште или престојувалиште на територијата на Македонија местото на прометот на услугата се утврдува согласно член 14, став (2) од ЗДДВ (односно местото на прометот не е во земјата туку во странство).

Прометот кој не подлежи на оданочување со ДДВ согласно член 2 од ЗДДВ не се зема предвид при утврдување на севкупниот промет за целите за ДДВ регистрација согласно член 51 од ЗДДВ.