Друштво ангажира физичко лице, овластен судски преведувач, за превод и заверка на службени уверенија и судски исправи. Надоместокот се исплаќа директно на физичкото лице, надвор од регистрирана самостојна дејност. Дали може да се применат нормирани трошоци за авторски доход?
Својството овластен судски преведувач не значи дека секој извршен превод претставува авторско дело. Потребно е да се оцени природата на конкретниот текст и превод.
Законот за авторското право и сродните права во член 12 го определува авторското дело како интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката и уметноста. Член 16, пак, ги исклучува службените текстови од политичка, законодавна, административна и судска природа и нивните службени преводи.
Иако даночните правила предвидуваат 20% нормирани трошоци за преводи во рамките на доходот од авторски и сродни права, тоа не значи дека намалувањето може да се примени за секоја преведувачка услуга. Претходно треба да постои основ надоместокот да се третира како авторски доход.
Според наше мислење, за опишаниот превод и заверка на службени уверенија и судски исправи надоместокот треба да се оданочи со 10% данок на целиот бруто-износ, без нормирани трошоци за авторски права, кога станува збор за надоместок за повремено извршена услуга.
Друштво планира да купи стан од физичко лице и да го користи како канцеларија за сопственото работење. Дали вложувањето може да се искористи за намалување на даночната основа по основ на реинвестирана добивка?
Самото купување недвижност на име на друштвото не е доволно за користење на ова даночно ослободување. Согласно член 28 од Законот за данокот на добивка, вложувањето треба да биде за развојни цели, односно за проширување на дејноста. Притоа, законот ги исклучува вложувањата што служат за административни цели.
Според наше мислење, кај стан што ќе се користи како канцеларија за администрацијата на друштвото постои значителен ризик УЈП да го оспори ослободувањето. Фактичкото користење за деловни потреби само по себе не докажува дека вложувањето ги исполнува условите за реинвестирана добивка. За оценката е пресудна конкретната намена на просторот и неговата поврзаност со проширувањето на дејноста.
Околноста што продавачот е физичко лице не влијае на ова прашање. Самото евидентирањето на станот како основно средство не создава автоматски право на даночното ослободување, исто како и постоењето на добивка од претходната година, соодветна одлука за нејзино распоредување за инвестиции и нејзината адекватна сметководствена евиденција. Исполнувањето на сите овие услови не го отстранува ограничувањето за административната намена.







