Најчести прашања и одговори од месец април, 2023

0
554

Во оваа нова рубрика на нашата Веб страница ќе се обидеме да дадеме одговори на најчесто поставуваните прашања кои сме ги добиле во текот на изминатиот месец.

Дали имаме обврска да платиме и задржиме данок (withholding tax) по добиена фактура од странско правно лице за услугата „имплеметација на ИСО и ХАСАП стандардите“ со кои се потврдува одреден квалитет, првично воведување, за контрола и надзор на примена на стандардите?

Одговор:

Задржувањето на данокот на приходот исплатен на странски правни лица е регулирано со глава IV. Задржување на данок на приход платен на странски правни лица (член 20 до 24) од Законот за данок на добивка (ЗДД) и глава V. Задржување на данок на приход платен на странски правни лица (член 10 до 12) од Правилникот за начинот за пресметување и уплатување на данокот на добивка и спречување на двојно ослободување и двојно оданочување (ПДД).

Со член 21 став (1) од ЗДД, задржувањето на данок се применува на следниве приходи, без оглед дали се исплатени во Република Македонија или во странство:

  • приход од дивиденди;
  • приход од камата од резидент;
  • приход од камата од нерезидент кој има постојана деловна единица во Република Македонија, ако каматата е на трошок на постојаната деловна единица;
  • приход од авторски хонорар исплатен од резидент;
  • приход од авторски хонорар исплатен од нерезидент со постојана деловна единица во Република Македонија, ако авторскиот хонорар е на трошок на постојаната деловна единица;
  • приход од забавни или спортски активности кои се вршат во Република Македонија;
  • приход од вршење на менаџмент, консалтинг, финансиски услуги и услуги на истражување и развој, ако приходот е исплатен од резидент или е на трошок на постојаната деловна единица во Република Македонија;
  • приход од осигурителни премии за осигурување или реосигурување од ризици во Република Македонија;
  • приход од телекомуникациски услуги меѓу Република Македонија и странска држава и
  • приход од закуп на недвижности во Република Македонија.

Наш став е дека исплата на приходот кон странското правно лице по основ на имплементација на стандарди ИСО и ХАСАП, претставува плаќање за услуга која не е опфатена во членот 21 од ЗДД и истата не подлежи на оданочување со задржан данок.

Дали подлежи на задржан данок плаќањето по фактура од странство за годишни чланарини во професионални здруженија?

Одговор:

Следејќи го истиот наратив од договорот на претходното прашање, наш став е дека исплатите кон странско правно лице по основ на членарина не спаѓаат во услугите за кои постои обврска за задржан данок.

Фирма врши откуп на цврст отпад (отпадни катализатори од возила) од физички лица, кои механички ги обработува и кои понатаму се наменети за извоз. Фирмата поседува одобрение од Министерство за животна средина и просторно планирање за извоз на отпадот. Дали при откупот фирмата, како исплатувач на приход има право основата за ДЛД да ја пресметува согласно член 73 став 2 од Законот за ДЛД односно намалена за 50 %?

Одговор:

Во член 71 став 2 од Законот за данок на личен доход (ЗДЛД), како друг доход, во смисла на овој закон, се смета и доходот остварен од продажба на корисен цврст отпад.

Обврзник на данокот на доход од друг доход е физичкото лице кое остварува доход од членот 71 од овој закон.

Според член 73 став 2 од ЗДЛД е дефинирано дека основа за пресметување на данокот на доход за доходот од продажба на корисен цврст отпад, претставува бруто – доходот намален за нормираните трошоци во висина од 50%.

Аконтација на данокот на доходот од член 80 став 1 точка 9) од ЗДЛД пресметува исплатувачот за секој обврзник и за секој поединечно исплатен доход (член 84 од ЗДЛД).

Исплатувачот пред секоја исплата на доходот на кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка, е должен до органот за јавни приходи да достави пресметка за бруто – доходот, одбитоците, пресметаниот данок по одбивка и нето – доход за исплата, за секој обврзник поединечно.

По приемот и обработката на електронската пресметка „е-ППД“, органот за јавни приходи преку електронскиот систем „е-Персонален данок“, по извршената проверка ја одобрува пресметката на обврзникот, со доделување Фолио број и издава Рекапитулација за утврдување на аконтација на данок на личен доход со статус „Одобрена“ и налози за едновремено плаќање на данок на личен доход и исплата на нето доход.

Исплатувачот на доходот од член 80 став 1 точка 9 од ЗДЛД, за кој аконтацијата на данокот на доход се плаќа по одбивка е должен задржаниот данок да го уплати при секоја поединечна исплата.

Исплатувачот е должен на обврзникот да му издаде примерок од пресметката за аконтацијата на данокот на доход при секоја исплата.

Ова значи дека во случаите кога станува збор за откуп на корисен цврст отпад од физички лица, правното лице-исплатувач данокот на личен доход го плаќа на утврдена бруто основица намалена за нормираните трошоци во висина од 50%, или со примена на пресметковна стапка од 5,263% на нето доходот.

Двајца основачи кај трговско друштво (ДОО) имаат намера да извршат ликвидација на друштвото. Друштвото располага со недвижен имот индустриски објект, купен од страна на правното лице со парични средства кои се внесени како првичен влог во друштвото при основањето пред повеќе години. Недвижниот имот е купен од физичко лице и притоа воопшто не е враќан ДДВ. При ликвидацијата на друштвото, кога недвижниот имот ќе премине во сопственост на основачите, дали ќе има импликации од аспект на данокот на личен доход?

Одговор:

Согласно член 3 став 1 точка 11) од Законот за данок на личен доход (ЗДЛД) под личен доход се подразбира и друг доход остварен во земјата и во странство. На оданочување подлежи и доходот што е остварен во пари, во хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид.

Согласно член 71 став 1 од ЗДЛД, друг доход во смисла на овој закон е секој доход кои не се смета за доход на физичките лица од членот 3 точки 1), 2), 3), 4), 5), 6), 7) , 8) ,9) и 10) од овој закон, и не е изземен од оданочување со одредбите од членот 12 од овој закон.

Основа за пресметување на данокот на доход од членот 71 од овој закон е бруто-доходот. 

Аконтација на данокот на доход се плаќа по одбивка, односно исплатувачот на доходот го пресметува, задржува и плаќа данокот на доход за обврзникот при секоја исплата и за друг доход. Исплатувачот, пред секоја исплата на доходот, е должен до УЈП да достави Пресметка на аконтација на данок и за друг доход.

Исплатувачот на доходот за кој аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка е должен задржаниот данок да го уплати при секоја поединечна исплата, на соодветно утврдена даночна основа.

При ликвидација на трговското друштво, дадениот/пренесениот недвижен имот на име на физичките лица (основачи), е предмет на оданочување согласно член 71 од ЗДЛД, при што трговското друштво има обврска да пресмета и плати данокот на личен доход на пазарната вредност на недвижниот имот (даночна основа).