Најчести прашања и одговори од месец март, 2023

0
1458

Во оваа нова рубрика на нашата Веб страница ќе се обидеме да дадеме одговори на најчесто поставуваните прашања кои сме ги добиле во текот на изминатиот месец.

Која е процедурата за враќање на данок на личен доход во случаи кога трговец поединец/самостоен вршител на дејност платил поголем износ на данок на доход во вид на аконтација во однос на пресметаниот данок во ДЛД ДБ (вршителот на дејност е во претплата?)

Одговор:

Во случаите кога трговецот поединец/самостоен вршител на дејност во вид на аконтација платил поголем износ на данок од износот што бил должен да го плати, има право да бара враќање на повеќе платениот данок на личен доход преку изготвената Пополнета годишна даночна пријава за остварен доход за 2022 година, која Управата за јавни приходи ја доставува најдоцна до 30 април 2023 година до даночните обврзници – физички лица преку нивниот профил на системот Е-Персонален данок https://e-pdd.ujp.gov.mk.

Трговците поединци/самостојни вршители на дејност како физички лица при потврдување на Пополнетата Годишната даночна пријава за 2022 година, најдоцна до 31 мај 2023 година, остварувањето на правото за враќање на повеќе платениот данок во вид на аконтации го искажуваат на Редниот број 12 во делот од образецот ДЛД-ГДП за утврден годишен ДЛД, кое поле е со опис “Повеќе платен данок на личен доход” со внесување на “X” пред полето.

Задолжително се пополнуваат податоци за банката и трансакциската сметка на која треба да се изврши враќање на повеќе платениот данок. Управата за јавни приходи е должна да ја врати разликата обврзникот во рок од 60 дена.

Ако обврзникот не искаже такво барање, разликата се пренесува како аконтација на данокот на доход за следниот даночен период (член 100 од ЗДЛД).

Kаков е начинот на оданочување на средствата, кои обврзникот на данокот на доход од самостојна дејност (трговец поединец / вршител на самостојна дејност), ги подигнува за свои лични потреби, согласно со Законот за данокот на личен доход и имајќи во предвид дека трговецот поединец / вршител на самостојна дејност не прима плата преку МПИН клиентскиот софтвер?

Одговор:

При подигнувањето на средства од трансакциската сметка, самостојниот вршител на дејност, не треба да веднаш да плати данок на доход со налогот ПП-50, како однапред подигнат нето-приход, туку самостојниот вршител на дејност може да подига аванси од трансакциска сметка за покривање на трошоци на работењето и други трошоци кои не се поврзани со вршење на дејноста на обврзникот (член 27, став (1), точка 17 од ЗДЛД), при што износот на трошоци кои остануваат непокриени (непоткрепени со соодветна документација со која се докажува деловната цел за која истите се направени) претставува предмет на оданочување со данок на доход остварен од вршење на самостојна дејност, односно непокриените трошоци ќе се оданочат преку образецот ДЛД ДБ.

Така, доколку повлечените а непокриени средства се евидентирани преку сметки од класа 4, тогаш непокриениот износ се искажува во Даночниот биланс како Расходи што не се признаваат за даночни цели на реден број 18 – Други усогласувања на расходите (АОП 21). Доколку пак, истите се книжени како АВР, на сметки од групата 19 тогаш ефективно претставуваат авансно повлечена добивка и може на крајот на периодот да се раскнижат со остварената добивка за периодот (951).

Согласно измената на член 19 од Законот за данок на добивка (Службен весник 151/21 кој влезе во сила од 14 јули 2021 година), се укина условот според кој намалувањето во даночниот биланс се вршеше само доколку претходно се извршило покривање на загубата согласно со Законот за трговските друштва. Дали даночната загуба искажана за 2019 година може да се користи за намалување на даночната основа најдоцна во ДБ за 2022 година (рок од 3 години). Дали за оваа загуба се однесува условот дека треба да е покриена загубата согласно со Законот за трговските друштва?

Одговор:

За остварените загубите во билансот на успех пред 2020 година за кои се издадени одобренија од Управата за јавни приходи за пренесување на товар на добивките во идните пресметковни периоди најмногу до три години сметано од годината во која е искажана загубата, намалувањето во даночниот биланс се врши само доколку претходно се извршило покривање на загубата согласно со Законот за трговските друштва.

Доколку обврзникот за 2020 и 2021 година оствари загуба искажана во Билансот на успех истата намалена за непризнаените расходи искажани во даночниот биланс, може да ја пренесе на товар на добивката во идните пресметковни периоди најмногу до пет години сметано од годината во која е искажана загубата, без да има обврска да ги покрива загуби за 2020 и 2021 година согласно Законот за трговски друштва.

Воедно треба да се има предвид и ставот 2 од член 19 од ЗДД дека правото на намалување во даночниот биланс се врши последователно почнувајќи од износот на најрано настанатите даночни загуби.

Друштво има остварено добивка по годишна сметка за 2022. Основна дејност на друштвото е сточарство и има основно стадо околу 1.000 грла и производство на млеко. Во текот на 2023 година има набавено околу 100 грла овци со што го зголеми основното стадо. Дали за ова вложување во основно стадо може да има третман на реивестирана добивка и со тој износ да се намали основицата за данок во даночен биланс за 2023 година.

Одговор:

Согласно МСС 16 „недвижности, постројки и опрема“ се материјални средства коишто:

  • Се чуваат за користење во производство или обезбедување на производи или услуги, за изнајмување на други или за административни цели,
  • Се очекува да бидат користени во текот на повеќе од еден период.

Набавната вредност на ставка од недвижности, постројки и опрема треба да биде признаена како средство ако, и само ако:

  • Е веројатно дека идните економски користи поврзани со средството ќе претставуваат прилив за ентитетот.
  • Набавната вредност на средството може веродостојно да се измери.

Според МСС 41 Земјоделие, овој стандард треба да се применува за евидентирање на следните ставки кога тие се однесуваат на земјоделска активност:

  • Биолошки средства,
  • Земјоделски производи во моментот на бербата,
  • Државни поддршки.

Овој Стандард се применува кај земјоделски производи кои ги претставуваат собраните плодови на биолошките средства на ентитетот, само во моментот на бербата. Потоа, се применува МСС 2, Залихи, или друг применлив стандард.

МСС 41, не се применува кај: земјиште поврзано со земјоделска активност (види МСС 16 – Недвижности, постројки и опрема, и МСС 40 – Вложување во недвижности) и кај нематеријални средства поврзани со земјоделска активност (види МСС 38 – Нематеријални средства).

МСС 41 како примери на биолошки средства ги наведува овци, дрва во шумска плантажа, садници, добиток за млеко, свињи, грмушки, винови лози, овошни дрва и сл.

Ентитетот треба да го признае биолошкото средство или земјоделскиот производ кога, и само кога: (1) ентитетот ги контролира средствата како резултат на минати настани, (2) постои веројатност дека идни економски користи поврзани со средствата ќе претставуваат прилив во ентитетот и (3) кога објективната вредност или набавната вредност на средството може веродостојно да се мери.

Биолошкото средство треба да се мери при почетното признавање и на крајот на секој датум период на известување според неговата објективна вредност намалена за проценетите трошоци во моментот на продажба, освен во случај објективната вредност да не може веродостојно да се измери.

Според сето наведено во членот 28 од ЗДД не се предвидени намалување на даночната основа по основ на реинвестирана добивка за вложувањата во основно стадо.

Дали даночен обврзник има право на намалување на даночната основа за износот на извршените вложувања од добивката кои се однесуваат на купување удел во друго друштво?

Одговор:

Со МСС 16 – Недвижности, постројки и опрема, се пропишува сметководствениот третман за недвижностите, постројките и опремата. Главните прашања во сметководството за недвижностите, постројките и опремата се признавањето на средствата, утврдувањето на нивните сметководствени вредности и расходите за депрецијација и загубите од обезвреднување на средствата што треба да бидат признаени во врска со нив.

Согласно горенаведеното, следејќи го истиот тек на дискусијата во врска со МСС 16 како и кај претходното прашање и во овој случај купувањето на удел во друго друштво не може да се квалификува за инвестиционо вложување во основни средства од членот 28 од ЗДД за кои се одобрува даночно ослободување.