Како да се усогласиме со постоечката законска рамка, пред се од аспект на ЗДДВ и Законот за регистрирање на готовински плаќања при користење на „vending“ автомати за продажба и наплата на пијалоци, карти, паркинг и сл., а кои автомати не може да бидат фискализирани од технички причини?

Од аспект на Законот за регистрирање на готовински плаќања (ЗРГ)

Согласно член 2, став (1) од ЗРГ, даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги за кои плаќањата не се извршуваат по банкарски пат (готовински плаќања), должни се да воведат и користат фискален систем на опрема и издаваат фискални сметки. Согласно член 9, алинеја 8 од Законот, обврската да се воведе и користи одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања, не се однесува на даночни обврзници кои вршат продажба на добра или услуги преку автомати за продажба кои работат со монети и книжни пари.

Од горенаведеното произлегува дека доколку во самиот апарат, од кој се дава услугата, се внесуваат монети или книжни пари, даночниот обврзник не е должен тој промет да го регистрира преку одобрен фискален систем на опрема.

Од аспект на Законот за данок на додадена вредност (ЗДДВ)

Согласно член 31, став (5) од Законот за данок на додадена вредност кога се користат автомати за продажба на добра или за извршување услуги, кои работат со монети, книжни пари или жетони, време на настанување на даночниот долг е денот на кој монетите, книжните пари или жетоните се вадат од автоматот. Регистрираните даночни обврзници за целите на ДДВ имаат обврска данокот на додадена вредност да го пријават и платат месечно или тримесечно, во зависност за кој даночен период се регистрирани.

Согласно член 52 од ЗДДВ даночниот обврзник е должен да води уредна и точна евиденција во поглед на основите на пресметувањето на данокот, особено на неговиот промет и претходниот данок кој може да го одбие, како и во поглед на основите на пресметување на данок за прометот извршен кон него во случаите од членот 32-а од овој закон, така што ќе се овозможи лесна проверка на евиденцијата.

Евиденцијата мора да содржи одделни податоци за прометот на даночниот обврзник, и тоа:

  • даночната основа за тој промет и
  • данокот долгуван за тој промет.

Евиденцијата треба да го прикаже начинот на кој се врши распределба на даночната основа на оданочив промет, истиот поделен според даночни стапки, на промет ослободен од данок со право на одбивка на претходниот данок и на промет ослободен од данок без право на одбивка на претходниот данок.

Евиденцијата за прометот кој е извршен спрема даночниот обврзник треба да содржи податоци за:

  • даночната основа за тој промет и
  • претходниот данок кој отпаѓа на тој промет.