Дали прометот на објекти класифицирани согласно добиено одобрение за градба како „А4.7 – традиционални куќи за потреба на туризмот (селски,планинински и езерски)“ би се даночел со примена на стапка од 5% или 18%?

Согласно член 2 точка 1 од ЗДДВ, предмет на оданочување со данокот на додадена вредност е прометот на добра и услуги кој се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност.

Согласно член 3 став 1 од ЗДДВ, промет на добра претставува преносот на правото на располагање со движен или недвижен материјален имот.

Според член 16 од ЗДДВ даночна основа на данокот на додадена вредност е вкупниот износ на надоместокот што е добиен, или што треба да се добие за прометот, во кој не е вклучен данокот на додадена вредност. Под надоместок се подразбираат пари, добра, услуги и други бенефиции според пазарната цена која ја плаќа или треба да ја плати примателот на доброто или корисникот на услугата или некое друго лице.

Согласно член 23 став 1 точка 1 од ЗДДВ, се ослободуваат од данокот на додадена вредност прометот на станбени згради и станови, во оној дел, во кој истите се користат за станбени цели, со исклучок на првиот промет, кој ќе се изврши во период до пет години по изградбата.

Станбена зграда или стан претставува објект, кој е одреден и подобен за тоа, да му овозможи на човекот траен престој и сместување. Стан може да претставува и дел од одреден станбен објект. Тука не се вбројуваат објекти или делови од нив кои се наменети за привремено сместување на лица (на пример: хотели, пансиони, гостински куќи, викендици).

Согласно член 28 од ЗДДВ, данокот на додадена вредност се пресметува со примена на пропорционални даночни стапки врз даночна основа за оданочивиот промет на стоки и услуги и тоа:

  • според општата даночна стапка од 18%,
  • според повластена даночна стапка од 5% и 10%.

Општата даночна стапка од 18% се применува врз целокупниот промет и увоз, освен врз прометот и увозот кој се оданочува со една од повластените даночни стапки.

Согласно напред наведеното, наше разбирање е дека преносот на доброто, правото на располагање со недвижен материјален имот (традиционални куќи за потреба на туризмот: селски, планинински и езерски), претставува вршење на промет на добра во смисла на член 3 став 1 од ЗДДВ, кој подлежи на оданочување со данокот на додадена вредност според општа даночна стапка од 18% на даночна основа утврдена според член 16 од ЗДДВ.

Дали бруто износот со вклучен ДЛД на регрес за годишен одмор влегува во прагот за регистрација на ДДВ од 2.000.000 денари после која треба физичко лице да се пријави како ДДВ обврзник? Односно, дали регресот е промет за цели на ДДВ?

Прометот на добра и услуги подлежи на оданочување со данокот на додадена вредност според член 2 точка 1 од ЗДДВ, само ако истиот се извршува со надоместок (размена на исполнувања). Размената на исполнувања претпоставува дека постојат исполнувач и примател на доброто или корисник на услугата и дека за прометот постои противисполнување (надоместок). За претпоставката на размена на исполнувања, прометот и противисполнувањето мора да стојат во меѓусебна врска.

Даночен обврзник, во смисла на член 9 став 1 од ЗДДВ е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност. Даночни обврзници можат да бидат правни и физички лица како и здружување на лица. Даночен обврзник е секој самостојно активен економски субјект кој постојано или повремено врши исполнувања за надоместок. Како правната форма, така и правната способност на вршителот на прометот се небитни.

Под стопанска дејност се подразбира секоја дејност на производителите, трговците и лицата кои извршуваат услуги, која има за цел остварување приходи, вклучувајќи ги дејностите од областа на рударството, земјоделството и шумарството, како и отстапувањето на материјални и нематеријални добра за нивно користење (член 9 став 2 од ЗДДВ).

Самостојна дејност постои кога истата се врши за своја сметка и на своја одговорност. Кога може да се претпостави постоење на самостојност или на несамостојност, зависи начелно од внатрешниот однос кон нарачателот на работата. Од надворешниот однос кон клиентите можат единствено да се добијат доказни индиции. Притоа, не е само битно името на договорниот однос, видот на дејноста или формата на добивање надоместок, туку е одлучувачка севкупната слика на односите. Во дадениот случај мора да се одмеруваат меѓусебно околностите кои одат во прилог на самостојноста; дури потоа се меродавни за севкупната оценка карактеристиките кои имаат поголемо значење.

Согласно поглавје 18 став (6) од Упатството за примена на ЗДДВ, тој што се смета за вработено лице од гледна точка на персоналниот данок од доход, не е даночен обврзник за истата активност од гледна точка на данокот на додадена вредност.

Физичкото лице го задржува својството на вработено лице во случај на негово изнајмување врз основа на договор за изнајмување на работници и не станува даночен обврзник по основ на договор за дело или договор за вршење функција.

Според поглавје 18 став (9) постои вршење на стопанска активност, кога истата е насочена кон:

1.постојано или привремено вршење;

2.заради реализација на приходи (надоместоци).

Дали стопанската активност се врши постојано или привремено, зависи од севкупната слика на односите во конкретниот случај. Карактеристиките кои говорат за или против особината “постојаност или привременост”, мора да се оценат во меѓусебен сооднос.

За критериуми кои говорат во прилог кон карактеристиката на “постојаност или привременост”, доаѓаат предвид:

  • планското повторување на одредена дејност,
  • интензитетот на делување (вршење на повеќе од еден промет),
  • учеството на пазарот како производител, трговец или вршител на услуги,
  • водењето на деловен локал,
  • настапувањето спрема трети лица, на пример пред органи.

Согласно поглавје 18 став (10) дејноста мора да е насочена кон реализација на приходи. Намерата за постигнување добивка не е неопходна. Активноста на постигнување приходи постои кога истата се врши во рамките на одредена размена на исполнувања. Својството на даночен обврзник претпоставува, само по себе, дека прометот на добра или услугите се вршат за надоместок.

Основни начела на кои се повикува законот е дека даночен обврзник во смисла ЗДДВ е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, планското повторување на одредена дејност и интензитет на делување (вршење на повеќе од еден промет) независно од целите и резултатите од оваа дејност.

Согласно изнесеното, наше разбирање е дека регресот за годишен одмор не влегува во вкупен промет за регистрација за целите на ДДВ.