Почетна » Услуги » Даночен застапник

Даночен застапник

Со измените и дополнувањата во Законот за данок на додадена вредност објавени во Службен весник 199/23, во Законот се воведе новиот член 9-б преку кој конечно во Македонија се имплементира концептот на даночен застапник.

Почнувајќи од 1.1.2024, странско лице коe нема седиште, ниту подружница на територијата на Македонија, а коe врши промет на добра и услуги во земјата кои подлежат на оданочување со данок на додадена вредност согласно со овој закон, има обврска да се пријави за данокот на додадена вредност и да назначи даночен застапник.

Дали има минимален лимит на извршен промет до кој не важи обврската за пресметка и плаќање на ДДВ од страна на странско лице коe нема седиште, ниту подружница на територијата на Македонија, а коe врши промет на добра и услуги во земјата?

Одговорот на ова прашање е „Не“. Странското лице треба да се регистрира за целите за данокот на додадена вредност, пред започнувањето на вршењето на оданочивиот промет во земјата и за истото не се однесува минималниот праг на вкупен промет од 2.000.000 денари кој се однесува на македонските ентитети кои вршат промет.

Назначување на даночен застапник

Странското лице може да назначи само еден даночен застапник.

Назначувањето на даночен застапник се врши со поднесување на пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност заедно со потребната докумeнтација до надлежниот даночен орган (Управата за јавни приходи).

Постапка за регистрација на странското лице и назначување на даночен застапник

Согласно Правилникот објавен од страна на Министерствито за финансии во Службен весник 286/2023, пријавата за регистрација за целите на данокот на додадена вредност се поднесува до надлежниот даночен орган на образец „ДДВ-01/СЛ-ДЗ“ отпечатен на хартија во бела боја во А-4 формат.

Danocen Zastapnik | Tax representative | Даночен застапник

Кон пријавата за регистрација за целите на данокот на додадена вредност се доставува следната документација:

  • договор за назначување на даночен застапник заверен на нотар, кој ги содржи најмалку следните податоци: назив и седиште на странското лице, назив, односно име и презиме на лицeто кое се назначува како даночен застапник, седиште, односно живеалиште на лицeто кое се назначува како даночен застапник, единствен даночен број за цели на данокот на додадена вредност доделен од страна на надлежниот даночен орган на лицето кое се назначува како даночен застапник;
  • доказ за резидентство на странското лице во земјата во која има вистинско седиште или подружница, од каде услугата вистински се извршува;
  • доказ за седиште, односно живеалиште на лицето назначено како даночен застапник на територија на Македонија и
  • доказ дека за лицето назначено како даночен застапник не е започната стечајна или ликвидациона постапка – за правно лице или доказ дека лицето назначено за даночен застапник не е правосилно осудено за кривично дело – за физичко лице.

За регистрација на странското лице за целите на данокот на додадена вредност и назначување на даночен застапник, од страна на надлежниот даночен орган се донесува решение.

Отповикување на даночен застапник или престанок на вршење на промет на странското лице

Во случај кога престанува даночното застапување од која било причина, странското лице заради вршење на промет назначува друг даночен застапник со доставување на нова пријава.

Во случај на престанок на вршење на промет на добра и услуги, странското лице треба да пријави отповикување на регистрација во пријавата за регистрација за целите на данокот на додадена вредност.

За промена на даночниот застапник, односно за отповикување на регистрацијата, од страна на надлежниот даночен орган се донесува решение.

Кој може да биде даночен застапник?

Даночниот застапник може да биде назначен доколку:

  • е регистриран за цели на данокот на додадена вредност најмалку 12 месеци пред поднесувањето на пријавата за назначување на даночен застапник,
  • на денот на поднесување на пријавата за назначување на даночен застапник нема доспеани, а неплатени даночни обврски и
  • ако е правно лице да не е започната стечајна или ликвидациона постапка или ако е физичко лице да не е правосилно осудено за кривично дело.

Обврски и одговорности на даночниот застапник?

Даночниот застапник има обврска за пресметување на данокот, за поднесување даночна пријава, за плаќање на данокот и за плаќање камата во случај на задоцнето плаќање на данокот како и да води евиденциски обврски во име на странското лице.

Даночниот застапник солидарно гарантира за данокот на додадена вредност кој го должи странското лице.

Поднесок на ДДВ пријави

ДДВ пријавите се поднесуваат на квартално ниво, до 25-тиот ден во месецот кој му следи на месецот во кој завршува кварталот.

Принцип на работа и цена на нашите услуги

Со задоволство може да констатираме дека Конто Профит ДООЕЛ Скопје без проблеми ги задоволува законските услови за вршење на даночно застапување за целите на ДДВ и следствено нашето знаење и експертиза може да бидат искористени од нерезидентните лица кои вршат оданочив промет со ДДВ во Македонија.

Принципот на работа е следен:

  • од страна на клиентот се обезбедува периодична евиденција, слична на онаа стандардна форма во македонската пракса, за сите продажби направени кон физички лица македонски резиденти со информации за дати на трансакција, износ на трансакција и останати поврзани детали, која содржи и збир (вкупна вредност) на извршениот промет;
  • од страна на клиентот заедно евиденцијата од претходната точка се доставува и своерачно потпишана изјава од одговорното лице на клиентот со која под полна морална, материјална и кривична одговорност се гарантира дека доставените податоци се точни, релевантни, комплетни и објективни;
  • врз основа на доставената евиденција ние правиме прелиминарна пресметка за обврската за ДДВ која ја доставуваме до клиентот;
  • откако клиентот ја прифаќа пресметката го префрла износот на ДДВ кој треба да биде платен нашата трансакциска с-ка, заедно со износот за нашата услуга;
  • ние постапуваме согласно законските обврски за евиденција на настаните, поднесуваме ДДВ пријава и го уплаќаме износот на ДДВ во име на клиентот.

Цената на нашите услуги се изразува како % од вредноста на обврската за ДДВ која треба да се пресмета, но за вкупен ДДВ должен до 75.000 евра не може да биде помалку од 600 евра по поднесок, ниту повисока од 3.500 евра по поднесок (подесувањето се врши на тримесечна основа).

Еднократниот надоместок за регистрација на ДДВ е 600 евра.

За конкретна понуда и дефинирање на специфични услови на соработка не двоумете се да не контактирате на [email protected] или на Viber/WhatsApp/Telegram на 00 389 70 22 11 65.