Развојна банка го објави вториот повик за бескаматно кредитирање – COVID 2

0
1077

Право на поднесување на апликација за кредит имаат сите квалификувани кредитобаратели согласно објавениот повик, правни субјекти од сите дејности, микро, мали и средни претпријатија кои се регистрирани во Македонија и се со максимален број на вработени до 250.

Износот на кредит којшто се одобрува во зависност од бројот на вработени. Кредитобарателот може да аплицира и да му се одобри максимален износ на кредит пресметан по следната формула: 14.500 денари х 3 месеци х број на вработени

Максимален износ на кредит кој ќе биде одобрен на кредитокорисникот не може да биде повисок од 5.535.000 денари, а минималниот износ на кредитот не може да биде под 184.500 денари.

Исклучок од начинот на пресметка на максималниот износ на кредит се:

  • претпријатија до 5 вработени кои може да аплицираат за кредит од 184.500 денари и
  • претпријатија со вработени од 128 до 250 вработени коишто може да аплицираат за кредит за износ до 5.535.000 денари.

Бројот на вработени со состојба на 31.01.2020 го потврдува овластеното лице, управител на кредитокорисникот, со Изјава објавена на веб страната на банката.

Рокот за отплата изнесува до 3 (три) години со вклучен грејс период до 12 (дванаесет) месеци. Отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши квартално.

Каматната стапка за кредитокорисниците се утврдува фиксно од 0% на годишно ниво. РБСМ нема да наплаќа провизија од кредитокорисникот за обработка на апликациите за кредит.

Квалификувани кредитокорисници се микро, мали и средни претпријатија кои се регистрирани во Република Северна Македонија, со број на вработени до 250 лица, и коишто ги исполнуваат следните критериуми:

  • да се регистрирани во Република Северна Македонија;
  • да се најмалку 51% во приватна сопственост;
  • да немаат неплатени даноци и придонеси, освен ако на истите им е одобрено одложено плаќање на даноците и
  • придонесите во согласност со посебните прописите од областа на даноците и истите редовно ги плаќаат заклучно со 31.01.2020 година;
  • да не се во постапка на стечај или ликвидација;
  • да работат подолго од шест месеци и имаат поднесено годишна сметка во Централен регистар на Република Северна Македонија;
  • согласно финансиските извештаи за последната фискална година има главнина и резерви (наведен во билансот на состојба) не помалку од 33% од износот на бараниот кредит (не се пресметува за трговци поединци);
  • согласно податоците од кредитен регистар на Народна Банка на Република Северна Македонија со состојба на 31.01.2020 година, се во класификација подобра или еднаква на Б (се врши пресметка на просечна ризичност) или коишто немаат обврски кон банките;
  • показателот за степенот на финансиска задолженост на компанијата треба да е помал од 5.0, а се пресметува како сооднос меѓу вкупни обврски по заеми и кредити / главнина и резерви. Показателот се пресметува врз основа на податоците во биланс на состојба од последната фискална година и овој показател не се однесува на Трговец-поединец;
  • Намалување на приходот на кредитобарателот за повеќе од 30% во тековниот период кое може да се утврди на еден од следните два начини:
    • Податоците за приходи од последно расположливиот месец во 2020 година, споредено со приходите од истиот месец во 2019 година или
    •  Податоците за приходи од последно расположливиот месец во 2020 година, споредено со просечниот месечен приход во 2019 година (вкупен приход / 12 месеци).

Во однос на задолжителната документација која треба да се собере за да се аплицира за кредитот, освен уверението за платени даноци кое се добива од УЈП, сите други документи самата Развојна банка може да ги прибави по службена должност.

Квалификуван кредитокорисник кој ги исполнува критериумите за одобрување на кредит по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Апликацијата за кредит со комплетната документација се доставува исклучиво по електронски пат, на следната е-маил адреса: [email protected] 

Апликациите за кредит по јавниот повик се доставуваат во рок од 15 дена сметано од 29.04.2020 година (среда) од 00:01 часот, поради електронскиот начин на аплицирање.

Во однос на обезбедувањето на кредитот, се потпишува меница од кредитокорисникот авалирана од еден од сопствениците на кредитокорисникот, со менична изјава за уредување на правата и обврските по меницата во форма на нотарски акт со извршна клаузула. Трошоците за воспоставување на обезбедувањето се на товар на кредитокорисникот.

Целиот текст на повикот можете да го најдете на страната на Развојна банка.