Најчести прашања и одговори од месец септември, 2023

0
348

Во оваа нова рубрика на нашата Веб страница ќе се обидеме да дадеме одговори на најчесто поставуваните прашања кои сме ги добиле во текот на изминатиот месец.

Каков е даночниот третман од аспек на данокот на добивка на трошоците за исхрана за вработените кои работат како чувари на објект а се распоредени на ноќна работа заради обезбедување на фабриката која е лоциран надвор од населено место, во случаите кога не посто организирана исхрана?

Согласно член 113 од Законот за работни односи, работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работата за:

  • службено патување;
  • теренски додаток;
  • користење на приватен автомобил за службени патувања;
  • одвоен живот од семејството и
  • смрт на работникот или член на неговото семејство.

Работникот има право на отпремнина при одење во пензија, како и јубилејни награди. Висината, основицата и рокот за пресметување и исплата на надоместокот на овие трошоци се утврдува со закон и колективен договор.

Работодавачот на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа. Трошоците за исхрана можат да изнесуваат најмногу до 20% од просечната нето плата по работник исплатена во претходната година, а трошоците за превоз во висина на стварните трошоци во јавниот сообраќај.

Дополнително, во членот 128 – Права на работниците кои работат ноќно време од Законот за работни односи е наведено дека работникот кој работи ноќе барем три часа од својата редовна дневна работна обврска, односно работникот кој одработува ноќе третина од полното работно време од својата годишна работна обврска, има право на посебна заштита за ноќна работа.

Ако на работник заради ноќна работа според мислење на лекарската комисија заради таквото работење би можела да му се влоши здравствената состојба, работодавачот е должен да го ангажира на соодветна работа дење.

Работодавачот, на негов трошок е должен на работниците кои работат ноќно време да им обезбеди:

  • подолг одмор;
  • соодветна храна;
  • стручно раководство на работниот, односно производниот процес и
  • лекарски прегледи, пред нивно ангажирање во ноќна работа и во редовни временски периоди утврдени со закон.

Ако работата се врши во смени, работодавачот е должен да обезбеди периодично менување на работниците. Работодавачот не смее да го распореди на ноќна работа работникот на кој нема да му обезбеди услови за превоз до и од работа. Во однос на оданочувањето на според член 9 став 1 точка 3-б од Законот за данокот на добивка како непризнаени расходи за даночни цели се сметаат 3-б) надоместокот на трошоци за исхрана на вработените кои работат ноќно време, над износите утврдени со Законот за работните односи.

Македонска фирма – ДДВ обврзник добива влезна фактура од странство со опис на фактурата “ семинар”. Фактурата е од странска фирма, а семинарот ќе се извршува со физичко присуство во Финска.
Семинарот е во функција на дејноста на фирмата и за истиот ќе има соодветни веродостојни документи: патен налог, сметки и слично, а кои се однесуваат на вработениот од фирмата од Македонија кој присуствува на семинарот.
 
Влезната фактура е со вкалкулирано странско ДДВ. Од странската фирма бараат фактурата да се плати со вкалкулирано ДДВ.
 
Се поставуваат следните прашања:
1. Дали фирмата од Македонија има право да го врати ДДВ-то од странската фактура односно како македонската фирма треба да постапи со ДДВ-то по оваа фактура?
2. Дали оваа фактура подлежи на пресметка и уплата на задржан данок?
3. Данок на добивка (дали е признат трошок)?
4. Дали во однос на оваа фактура има некаква импликација од аспект на данок на личен доход?

Од аспект на Законот за данок на додадена вредност

Согласно член 46 од Законот за данокот на додадена вредност (ЗДДВ) по исклучок на одредбите од членовите 39 до 45 и во случај на постоење на реципроцитет, на даночни обврзници кои немаат седиште или подружница во земјата и кои не извршуваат никаков промет во неа, или кои не должат данок за прометот ќе им се исплати, по барање, претходниот данок кој може да се одбие според членовите 33 до 36 од ЗДДВ, според посебна постапка која ја пропишува министерот за финансии.

Правото на враќање на претходни даноци се однесува на даночни обврзници кои немаат фактичко седиште или подружница во Република Македонија, а имаат статус на даночни обврзници за ДДВ во друга земја. Заради остварување на правото на враќање, странскиот даночен обврзник доставува доказ дека истиот е регистриран како даночен обврзник во својата земја.

Правото на враќање на претходниот данок се остварува само во случај на постоење на реципроцитет. Однос на реципроцитет постои кога во државата, во која даночниот обврзник е резидент, не се наплатува ДДВ или друг сличен данок или во случај на наплата на ваквиот данок истиот му се враќа на даночниот обврзник резидент на Република Македонија.

Даночните обврзници кои се резиденти во земјата и на кои им е потребен писмен доказ за регистрација за ДДВ, за цели на поднесување на барање за враќање на ДДВ во друга држава, поднесуваат Барање за издавање на уверение за регистрација на даночен обврзник за цели на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-Б21) до Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи на која припаѓаат. Врз основа на барањето, соодветната Регионална дирекција издава Уверение за регистрација на даночен обврзник за цели на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-21).

Согласно наведеното, во врска со процедурата за остварување на правото на враќање на ДДВ во друга држава потребно е да се обратите до даночната управа на соодветната земја во која е платен данокот на додадена вредност, со цел да се информирате за условите и постапката за враќање на платениот ДДВ согласно нивното законодавство за ДДВ.

Од аспект на Законот за данокот на добивка

Задржувањето на данокот на приходот исплатен на странски правни лица е регулирано со глава IV. Задржување на данок на приход платен на странски правни лица (член 20 до 24) од Законот за данок на добивка (ЗДД) како и глава V. Задржување на данок на приход платен на странски правни лица (член 10 до 12) од Правилникот за начинот за пресметување и уплатување на данокот на добивка и спречување на двојно ослободување и двојно оданочување (во понатамошниот текст ПДД).

Согласно член 20 од ЗДД, освен ако поинаку не е регулирано со Меѓународните договори за одбегнување на двојно оданочување, домашно правно лице, домашно физичко лице – регистрирано за вршење на дејност и странско правно лице или физичко лице – нерезидент со постојана деловна единица во Република Македонија, кои вршат исплата на приходи на странско правно лице наведени во членот 21 од овој закон, се должни при исплатата на приходот да го задржат и да го уплатат данокот на соодветната уплатна сметка истовремено со исплатата на приходот.

Согласно член 21 став 1 од ЗДД, задржувањето на данок се применува на следниве приходи, без оглед дали се исплатени во Република Македонија или во странство:

  1. приход од дивиденди;
  2. приход од камата од резидент;
  3. приход од камата од нерезидент кој има постојана деловна единица во Република Македонија, ако каматата е на трошок на постојаната деловна единица;
  4. приход од авторски хонорар исплатен од резидент;
  5. приход од авторски хонорар исплатен од нерезидент со постојана деловна единица во Република Македонија, ако авторскиот хонорар е на трошок на постојаната деловна единица;
  6. приход од забавни или спортски активности кои се вршат во Република Македонија;
  7. приход од вршење на менаџмент, консалтинг, финансиски услуги и услуги на истражување и развој, ако приходот е исплатен од резидент или е на трошок на постојаната деловна единица во Република Македонија;
  8. приход од осигурителни премии за осигурување или реосигурување од ризици во Република Македонија;
  9. приход од телекомуникациски услуги меѓу Република Македонија и странска држава и
  10. приход од закуп на недвижности во Република Македонија.

Согласно член 11 став 7 од ПДД приход од консалтинг услуги подразбира приход остварен од вршење услуги на служби или организации што се занимаваат со давање на совети и интелектуални услуги во стопански финансиски и технички проекти односно упатства или работи на некој специјален предмет или проект за определен надомест. Под консалтинг услуги се подразбираат и: правни, даночни, сметководствени и ревизорски услуги, кои што странските правни лица ги вршат со надомест за домашните субјекти. Под консалтинг услуги на деловно советување, се смета секој облик на деловно советување или консултација. По исклучок, не се смета за услуга на деловно советување: одржувањето на предавања, семинари, работилници и слични методи на подучување, потоа услуги на инжињери, архитекти и слични услуги кои за резултат имаат пишани документи за постапување (идејни и изведбени проекти, нацрти, упатства и други документи за постапување). За услуги на деловно советување не се сметаат и услугите на посредување и застапување во некоја зделка, како и услугите на користењето на различните бази на податоци. Oснова за пресметување на данокот од добивка е добивката која се утврдува во даночниот биланс. Основа за пресметување на данокот од добивка се утврдува како разлика меѓу вкупните приходи и вкупните расходи на даночниот обврзник во износи утврдени согласно со прописите за сметководството и сметководствените стандарди (член 7 од ЗДД).

Согласно член 8 од ЗДД, вака утврдената основа се зголемува за непризнаените расходи и помалку искажаните приходи за даночни цели.

Kако непризнаени расходи за даночни цели се сметаат расходите кои не се поврзани со вршење на дејност на субјектот, односно не се непосреден услов за извршување на таа дејност и не се последица од вршењето на таа дејност ( член 9 став 1 точка 1 од ЗДД).

Доколку се работи за исплата на приход по основ на услугата деловно советување – семинар, истата согласно 21 од ЗДД и член 11 став 7 од ПДД не подлежи на оданочување со задржан данок.

Доколку овие расходите не се поврзани со вршење на Вашата дејност, односно не се непосреден услов за извршување на таа дејност и не се последица од вршењето на таа дејност во тој случај истите претставуваат непризнат расход со кој се зголемува основата за оданочување со данок на добивка.

Од аспект на Законот за данок на личен доход

Со одредбите на членот 12 од Законот за данок на личен доход (ЗДЛД), утврдено е кои надоместоци не подлежат на оданочување со данок на личен доход.

Во член 12 став 1 точки 10) и 46) од ЗДЛД, е дефинирано дека: данок на личен доход не се плаќа за надоместоците по основ на дневници за службени патувања во земјата и во странство, теренски додаток или одвоен живот од семејството на вработеното лице и на обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност, над износот утврден со членот 12 на овој закон и за надоместоци на трошоци за обуки и доквалификација (стекнување сертификати, лиценци и сл.) на вработени лица, поврзани со нивното работно место, под услов истите да продолжат со работа кај истиот работодавач, во временски период утврден со договор.

Доколку станува збор за вработени лица кај работодавачот и истите се испратени на обука во странство, за кои уредно е покриено со веродостојни документи (решение за службено патување во странство, патен налог, авионска карта и сл.) работодавачот нема обврска да пресмета и задржи данок на личен доход.

Физичко лице од Македонаја работи во САД (со работна виза од Македонија), мегутоа во текот на работата му се случува незгода на работно место и болнички го третираат во САД (операција на колк). Лицето добива оштета од Осигурателниот фонд од САД кои му служат за понатамошно лекување бидејки физчкото лице е делумно инвалид и веќе не е во можност за понатамошна работа.

Дали за исплатениот надоместокот од осигурителната компанија физичкото лице треба да плати данок во Македонија?

Согласно член 12 став 1 точка 21 од ЗДЛД примениот надоместок по основ на настаната штета од несреќен случај на работа не подлежи на оданочување со данок на личен доход во Македонија.