Правно лице купува станови и добива фактура од продавачот со 5% (прв промет). Становите се доопремуваат со цел да се врши дејност за изнајмување. Доопремувањето вклучува купување и монтирање на кујна, комплетен мебел, бања, подни облоги и сл.
Во однос на вршењето на дејност – изнајмување, можни се неколку сценарија, кои не се познати однапред за време на самото опремување: изнајмување на физички лица за привремено сместување на физички лица, пример се изнајмуваат преку Booking за неколку дена или подолготраен престој за станбени цели на физички лица согласно склучен подолготраен договор или изнајмување на правни лица. Како да се третира прометот од аспект на ЗДДВ доколку: 1) станот се изнајмува на правни лица, 2) се изнајмува на на физички лица за краткотраен престој преку Booking и слични апликации и Веб страни и 3) се изнајмува на физички лица за станбени цели за подолготраен престој?

Согласно член 23 точка 2 од ЗДДВ, се ослободува од данокот на додадена вредност без право на одбивка на претходен данок изнајмувањето на станбени објекти и станови, доколку истите се користат за станбени цели.

Даночното ослободување не важи за изнајмувањето станбени простории и простории за ноќевање од страна на хотели, гостилници, пансиони и слични институции заради привремено сместување на трети лица. Прашањето дали постои изнајмување на станбена зграда или стан во смисла на член 23 точка 2 од ЗДДВ, се оценува начелно според фактичката намена.

Согласно напред наведеното, ослободен од данок на додадена вредност е прометот на изнајмување на станбени објекти и станови, доколку истите се користат за станбени цели, без право на одбивка на претходен данок за влезните исполнувања (набавката на стан, трошоци за одржување и реновирање на становите и слично). Во спротивно, изнајмувањето на станбени објекти и станови кои не се користат за станбени цели подлежи на оданочување со данок на додадене вредност.

Согласно напред наведеното, наше разбирање е дека, доколку становите се издаваат на физички лица за краткотраен престој (на пример преку booking), или доколку се изнајмуваат на правни лица, изнајмувањето подлежи на оданочување со ДДВ.

Mала хидро електрана која одреден период била оперативна поради чести дефекти со дел од опремата и основните средства треба да се сервисира и во склоп на сервисирањето треба да се испорача, монтира и пушти во употреба адекватна нова опрема со подобрени карактеристики. Обврската за изведување на потребните градежни работи (прецизно наведени во склучениот договор) за иснталација на заменската опремата која ја испорачуваме секако е на товар на инвеститорот – сопственик на електраната. Дали фактурите кон инвеститорот треба да се изготват со примена на општа даночна стапка од 18% или треба да се примени Reverse Charge механизмот согласно член 32а од ЗДДВ? 

Согласно член 2 точка 1 од Законот за данокот на додадена вредност, предмет на оданочување со данокот на додадена вредност е прометот на добро и услуги кој се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност. Промет на услуги претставува секоја дејност која не е промет на добра во смисла на член 3 од ЗДДВ (член 6 став 1 од ЗДДВ).

Согласно член 32-а став 1 точка 1 од ЗДДВ, по исклучок од членот 32 точка 1 од ЗДДВ, даночен должник е даночниот обврзник регистриран за целите на ДДВ кон кого од страна на друг даночен обврзник регистриран за целите на ДДВ, се извршени промети на добра и услуги кои се поврзани со градење, вклучувајќи одржување, реконструкција и отстранување на градби или нивни делови, кога примател на прометот е инвеститорот, а вршителот на прометот е изведувачот на работите и во случај кога примател на прометот е изведувачот, а вршител на прометот е подизведувачот на работите, согласно со законот со кој се уредува градењето.

Владата на Република Македонија во Одлука за определување нa добрата и услугите за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен промет од страна нa друг даночен обврзник, поблиску ги определува добрата и услугите за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен промет од страна на друг даночен обврзник.

Согласно член 2 став 1 точка 6 од Одлуката, механизмот на пренесување на даночната обврска се применува на услугите за изградба на електрични водови и телекомуникациски лииии и тоа:

а) изградба на објекти од нискоградба за:

  • далекуводи и градски мрежи за снабдување со струја и телекомуникациски линии и
  • енергетски централи (хидро електроцентрали, ветерни електроцентрали, фотонапонски електроцентрали, термоелектроцентрали на биомаса, термоелектроцентрали на биогас, термоелектроцентрали на јаглен, геотермални електроцентрали, нуклеарни електроцентрали, електроцентрали на природен гас, објекти за производство на топлинска енергија, како и високоефикасни комбинирани постројки за производство на електрична и топлинска енергија.

Согласно горенаведеното, наше разбирање и дека изградбата на хидро електроцентрали како услуга е наведена во Одлуката поради што истата потпаѓа под одредбите од член 32-а, додека услугата за нивно одржување ќе се даночи со 18% ДДВ.